Заев на самитот на „Економист“: Се плашиме од увезена инфлација


„Не е паметно да се отвора вратата за неевропски актери како Кина, иако тоа можеби има краткорочни бенефити. Бидете внимателни во оваа игра меѓу Кина и Западот. Тоа може да биде опасно за влезот во ЕУ на долг рок“, предупреди поранешниот шеф на германската дипломатија Јошка Фишер 

 

Слободанка Јовановска

Премиерот Зоран Заев го отвори утрово Самитот за Западен Балкан во организација на неделникот „Економист“. Премиерот во воведното обраќање рече дека Македонија е фокусирана на постигнување на целта, членството во Европската унија, нагласувајќи дека е горд што земјата го постигна договорот со Грција и го отвори патот на Македонија кон Унијата. Потоа се осврна повеќе на економската ситуација и очекувањата по ковид епидемјата.

„Имаме раст на 5,6 проценти на БДП во првото полугодие и 13,1 отсто само во вториот квартал. Светска банка ги зголеми очекувањата за раст на економијата и ние очекуваме стабилен период. Ќе имаме нов концепт за привлекување странски инвестиции со индивидуализиран пакет за поддршка на компаниите која може да достигне и до 50 отсто од инвестицијата“, рече Заев.

Тој потврди дека има страв од инфлација која е структурна и увезена и најверојатно ќе влезе и во Македонија.

Премиерот на Косово Албин Курти рече дека иднината на регионот зависи од сите нации кои го сочинуваат. Рече дека се потребни демократски нации а не автократии и дека треба да се посвети внимание на владеењето на правото во земјите.

„Нестабилна демократија е нешто што е карактеристика на овој регион, зависното судство, контролата на медиумите – сето тоа е наш најголем проблем. И конечно ние мораме да се соочиме со минатато и само така ќе се посветиме на иднината“, рече Курти. 

Тој ја повтори исто така резервираноста кон иницијативата Отворен Балкан бидејќи смета дека без ЕУ таа нема доволна тежина.

„Веруваме дека е многу подобро доколку од самиот почеток ЕУ е вклучена во сите иницијативи наместо да се обидуваме да го правиме тоа без ЕУ. Од друга страна морам да кажам дека ниту како политичка ориентација, ниту како културна сензитивност јас не припаѓам во групата луѓе кои веруваат во самодоволноста на Балканот. Јас сметам дека ЕУ е нашата судбина, а Европа е нашиот континент“, истакна Курти.

Заменик-премиерот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, рече дека секоја криза е нова можност, а на Западен Балкан криминалот и корупцијата се најголем непријател.

„Нашата реторика не е слична на нашите постапки. Ако сакаме да одиме кон ЕУ мора да сме пријатели на соседната земја да гледаме како пријател. Има многу билатерални нерешни проблеми, но секако има многу потенцијал за развој“, рече Абазовиќ.

Вицепремиерот за евроинтеграција Никола Димитров, на прашањето дали е уверен дека е реална европската перспектива на регионот, рече – и да и не.

„Видовме многу јасна политичка порака од лидерите на ЕУ во Брдо дека се решени да продолжат со процесот на проширување, збор кој не беше спомнат ниту во Загреб, ниту во Софија. Обединет Балкан е можен само со функционален систем на проширување. Она што фали сепак е придвижување на терен, акција“, нагласи тој споменувајќи дека последното поглавје за преговори со Србија е отворено во декември 2019 година, а со Црна Гора во март 2020 година, а одамна е и нашата одлука за започнување на преговори што никако да се материјализира. Според него, ЕУ има тешкотија да го испорача тоа што го ветува, практично посочувајќи зошто е уверен – и не е дека ќе продолжи евроинтеграцијата на Западен Балкан.

„Сѐ уште не можеме да ги почнеме преговорите, иако се нагласува дека овие две земји ги имаат исполнето условите, односно дека тие се испорачани. Враќањето на вербата на луѓето овде во европската иднина и дека таа е можна, ќе зависи од тоа дали ќе има конкретна акција. Не е фер да се обвини ЕУ за ова, бидејќи таа е компромисна организација од 27 земји членки, недостига уште една. Соседна Софија треба да ја преземе својата обврска. Зборуваме за заедничка историја, но треба да сфатиме дека постои заеднички регион и заедничка иднина на овие држави овде. Време е да се покаже одговорност и лидерство. За доброто на сите Софија треба да ја преземе својата обврска“, рече Димитров.

Тој нагласи дека ЕУ е најголем партнер, и трговски и економски на Западен Балкан. „Одливот на мозоци од овие држави е изгубен потенцијал, тоа го кажуваат студии“, нагласи Димитров.

Според него, многу поефикасно и поисплатливо ќе биде доколку Западен Балкан е вклучен, а не е исклучен од ЕУ, односно исклучувањето на државите од тој процес не е најдобро решение. 

„Западен Балкан е опкружен со земји членки на ЕУ. Затоа е подобро ние, наместо да имаме разнобразни политики, заедно да се бориме со криминалот и корупцијата.Во 2015 и 2016 година Западен Балкан одигра значајна улога за ЕУ од безбедносен аспект со спречување на мигрантскиот бран. Затоа е крајно време да се дејствува“, рече Димитров.

Тој рече и дека дури и најстрогите земји членки на ЕУ, како што се Холандија, но и Германија и Франција, кои се заложија и изјавија дека време е тоа да се случи.

„Затоа е крајно време да се преземе лидерство и одговорност“, нагласи Димитров.

Генерално пораката на сите учесници беше дека Европската унија мора да направи чекор напред и да преземе одговорност за иднината на регионот и ако не ги исполни ветувањата, ќе плати висока цена. ЕУ многу вложува, таа е најголем економски и политички партнер на Западен Балкан, но и многу добива од регионот. Поради тоа, не смеат да се градат ѕидови и да се затвораат очите за проблемите коишто се случуваат во регионот, порачаа учесниците на  Самитот.

ЕУ ќе плати висока цена ако не ги исполни ветувањата, е пораката од Самитот во Скопје.

„Треба да се убедат Европејците дека треба да продолжи тој процес. Ни треба свеж почеток на процесот на проширување и на тоа треба да работиме сите, со цел да се искористат сите предности на економски и на политички план од интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ“, рече поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Јошка Фишер, кој беше меѓу присутните во Скопје. Тој предупредува дека не е умно да и се отвори вратата на Кина – на краток рок тоа можеби ќе биде добро, но на долг рок ќе ја ослабне Унијата. Не е паметно да се отвора вратата за неевропски актери како Кина. Можеби има краткорочни бенефити, но на долг рок тоа ќе го ослабне европскиот интегративен процес. Бидете внимателни во оваа игра меѓу Кина и Западот. Тоа може да биде опасно за влезот во ЕУ на долг рок“, предупреди Јошка Фишер. 

На самитот, кој ќе трае во текот на целиот ден, ќе се отворат и други значајни теми, како онаа за безбедносните предизвици во постковид светот, на која ќе се обрати министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и дискусија за американските приоритети за Западен Балкан, на која ќе говори Габриел Ескобар, американски заменик-помошник секретар за европски и евроазиски работи.

За приоритетите во финансискиот сервисен сектор ќе зборуваат гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со главни теми фискална политика, финансиски амбиент, но и дали банкарскиот сектор одговара на пост ковид светот.