(Видео) Заев: Македонскиот бисер од школката почнува силно да сјаје
Денот на независноста – 8 септември 1991 година ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои. Дека радоста, среќата и убавината што ја преплавија тогаш нашата татковина треба да ги паметиме и да ги носиме со нас секогаш кога ќе се соочуваме со искушенија и опструкции на нашиот пат. Тоа се нашите бои, боите на независноста и на слободата, порача премиерот Зоран Заев денеска на прославата која под мотото „Боите на независноста“ се одржува кај Школка во Градскиот парк во организација на Владата.
Тоа, како што кажа, се боите кои Социјалистичка Република Македонија ја прогласија за независна Република Македонија.
-Нашата татковина која денес го носи името Република Северна Македонија. Земја која станува членка на НАТО и се интегрира во ЕУ. Тоа е нашата земја нашата убавина под различности, истакна Заев.
Оваа година, како што рече, заеднички го прославуваме овој голем празник облечени во најубавите бои, во боите што самите ќе избереме и гордо ќе ги носиме, затоа што мозаикот е целосен само ако секое камче секој дел посебно си го наоѓа своето место во тоа наше заедништво.
-Затоа градиме едно опшетство за сите, затоа секој е важен и затоа секој е одговорен тој наш мозаик нашата татковината да зрачи со силна светлина и со својата целина, истакна премиерот.
Денот на независноста – 8 Септември, како што рече, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашта државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање среќа и просперитет.
-Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено безбедносен сојуз – НАТО и како кандидат за членство во најсиланта економска заедница на светот ЕУ, истакна Заев.
Во своето обраќање тој посочи дека ова место – Школка како да има некаква симобилика со своето име.
-Дваесет и осум години после независноста оваа наша земја која наликуваше на затворена школка конечно се отвора пред Европа и светот и добива можност да ја покаже својата вредност. Македонскиот бисер од школката почнува силно да сјаје. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи сега сме позитивне пример модел што другите сакат да го следат, гордост европска, нагласи премиерот.
Во рамки на прослававата е организирана богата културно-уметничка и забавна програма со настапи на Петко и „Пет плус“, групата „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.
Граѓаните имаат можност да уживаат во традиционалната храна, да учествуваат во спортски активности и да ја видат изложбата подготвена од деца од малите групни домови. На посебен штанд на Министерството за здравство, граѓаните можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед. Припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе изведат показни вежби.
Северна Македонија денеска одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. На референдумот над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент, усвои Декларација за независност. Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.