Заев: Македонија од самитот во Софија очекува сериозна поддршка
Премиерот Зоран Заев очекува од утрешниот самит во Софија уште еднаш да биде испратена пораката за отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија.
-Утре очекувам сериозна поддршка за европскиот пат на сите шест земји членки од Западен Балкан кои сме кандидати и сакаме да бидеме побрзо полноправни членки на ЕУ. И секако очекувам дека Берлинскиот самит утре ќе ја испрати уште еднаш пораката на почеток на преговорите односно отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија, истакна Заев.
Премиерот на Северна Македонија во обраќањето по потпишувањето на Меморандумот за соработка во услови на Ковид-19 со Албанија и Србија истакна дека целта е да се олесни животот на нашите граѓани и да се постават основи за економско закрепнување.
Меморандумот за соработка во услови на Ковид-19 го потпишаа премиерите на трите земји Зоран Заев, Ана Брнабиќ и Еди Рама. Оваа идеја произлезе од состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ и албанскиот премиер Рама и е иницијатива за напредна соработка која е целосно компатабилна со Берлинскиот процес. Албанија и Србија во рамките на истиот настан потпишаа и и билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
– Со Софискиот самит, кој почнува утре, почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се приклучи на иницијативата. Посакувам исто така и другите земји од западнобалканската заедница да се приклучат дефинитивно за да можеме сите заедно да работиме кон подобра иднина и истовремено многу е важно утре на Софискиот самит да ја повториме нашата посветеност нан проширување на зелената зона кон европските земји и во однос на нашиот заеднички став во однос на ЕУ во однос на новиот зелен договор што сите го прифаќаме. Меѓутоа истовремено да им укажеме на нашите пријатели, колеги од ЕУ, дека на Балканот му треба поголема поддршка заради тоа што тоа е навистина огромен чекор што сите сакаме да го преземеме. Затоа без сомнение потребна ни е поддршката што е од суштинско значење, рече албанскиот премиер Рама.
Несомнено е, потенцираше тој, дека не постои друг пат, друга можност за подобра идина од отворени разговори, комуникација, размена на ставови и да се согласиме или да не се согласиме кога уште не сме постигнале договор, меѓутоа секогаш да гледаме едни на други како земји што се ориентирани кон иднината. Тоа е она што го постигнавме денес и што ќе правиме утре и врз основа на тоа историјата ќе ни суди.
-Се надевам утре на Софискиот самит ќе имаме плодна дискусија со нашите европски пријатели и партнери. Свесни сме за тоа дека Европа кога го проценува нашиот напредок се повеќе во светло на динамиката на земјите во Европа и други места отколку од аспект на постигнување на целите, меѓутоа не постои друг начин освен да се избориме на тој пат да станеме членки и да ја зајакнеме соработката и да докажеме како балканска заедница дека припаѓаме во Европа, рече албанскиот премиер Рама.