Заев ќе ги внесе Бугарите, Австријците и Романците во Уставот


Премиерот Зоран Заев, во врска со понудата на министерот Бујар Османи да се внесат Бугарите во Уставот како етничка заедница, потврди дека тоа не е само негов став туку и на Владата.

„Отсекогаш наш став бил пред влезот во ЕУ да го отвориме Уставот за останатите помали етнички заедници кои живеат тука, не само Бугарите, туку и Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците и Романците. Тоа го направи Хрватска пред влезот, а ние сме отворено општество, европска земја, и ќе го следиме примерот на европските земји“, рече Заев. 

Тој  нагласи дека граѓаните треба да знаат дека прашањето на пописот е „На која етничка заедница припаѓате?“. И тоа, како што рече е едноставно, дури во електронската верзија граѓаните можат да бираат се што е во кодната листа. Според него, не треба во моментот какво било уставно надополнување за секој граѓанин а се изјасни на пописот така како што се чувствува етнички. 

„Секој може недвосмислено, прецизно, јасно да си каже на која етничка заедница припаѓа или, доколку припаѓа на некоја верска група, да се изјасни дека припаѓа на таа верска заедница или ја практикува таа вера“, рече Заев и како пример ја наведе средбата со преставници на Торбешите во Македонија кои, како што рече, ќе можат слободно да се изјаснат така на пописот бидејќи во моментов не е потребно никакво  уставно определување за да го сторат тоа. 

Во Преамбулата на Уставот се споменати „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.