Заев и Шахпаска го поздравија донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација
Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска го поздравија донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој беше еден од приоритетите на новата Влада, откако овој Закон претходно во мај беше укинат од Уставниот суд бидејќи бил донесен без потребното мнозинство. Законот инаку беше еден од клучните услови што ѝ го отвори патот на Македонија на патот на евроинтеграциите.
„Државата оди напред! Едно општество за сите, и во добро, и во криза, секогаш, а од сега и уредено со нов Закон за спречување и заштита од дискриминација кој гарантира еднаквост за сите“, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил по повод донесувањето на Законот.
Социјалдемократите, прогресивните сили во државата и граѓанското општество, додава Заев, се изборија за долгоочекуваниот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
„Припадниците на маргинализираните заедници, вклучувајќи ја и ЛГБТИК заедницата се еднакви пред законот како и сите останати граѓани. Со стапувањето на сила, секој граѓанин ќе знае дека е безбеден во својата држава и дека ќе може да ги обезбеди своите права, загарантирани со уставот. Честитки за сите активни граѓани кои доследно се изборија за овој успех, пишува премиерот на Фејсбук.
Министерката Шахпаска вели дека овојј Закон е од исклучителна важност за граѓаните
„Собранието на Република Северна Македонија со 70 гласа ‘за’ го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација. Усвојувањето на овој закон е од исклучително значење пред се за граѓаните“, напиша денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на својот фејсбук-профил по донесувањето на Законот.
Тој, како што вели Шахпаска, јасно ги дефинира основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива.
Воедно, пишува министерката, тој ја регулира и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како независно тело составено од професионалци од областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата.