Заев и Мицкоски ќе пресечат за СЈО
Преговарачките тимови и лидерите на најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, денес на заедничка маса ќе решаваат за судбината на Специјалното јавно обвинителство. Лидерската средба, која е закажана на неутрален терен во Собранието (20 часот), треба да ги испегла сите разлики околу донесувањето на законот за јавното обвинителство со кој се решава и статусот на СЈО.
Од опозицијата тврдат дека услов да се закаже лидерската средба бил на неа да се зборува и за предвремени парламентарни избори. Отворање на таа тема во интервју за ТВ Алфа најави и Мицкоски, иако неофицијално од опозицијата велат дека евентуален договор за законот нема да се условува со договор за избори. Од Владата, пак, велат дека главна тема е законот, а за тоа дали ќе се разговара за предвремени избори ќе се види на самото место.
Предвремени избори за премиерот Зоран Заев не се посакувана опција.
„Ако веднаш одиме на избори, тоа ќе донесе нови дисторзии на општеството, за шест до девет месеци застанува сè. Државата одамна немала редовни избори. Ред е да оставиме еден мандат, посебно ако се решени историските прашања. Верувам дека во декември не е соодветно решение, но крајот на октомври 2020 година можеме да одиме на избори“, истакна Заев во интервју за „Фокус“.
Мицкоски, пак, јавно го повика премиерот ако верува во тоа што го зборува, дека анкетите се добри и дека државата блеска, тогаш да излезе на избори и да се соочи во граѓаните.
„Нели блескаме, нели анкетите се добри, нели сè е како што треба во државата, ајде да видиме дали навистина е така или можеби ова претставува уште еден блеф од страна на господинот Заев и СДСМ, а во насока на меѓупартиските редови, кои во овие моменти според нашите информации трпат голема штета и се сериозно раслоени“, изјави Мицкоски.
Работните групи досега постигнаа согласност за дел од забелешките, но крупните разлики околу статусот на обвинителите, профилот на идниот специјален обвинител…, сепак, ќе го договараат Заев и Мицкоски.
Она што останува како отворено прашање, а се очекува да биде во фокусот на вечерашната средба, е што понатаму ќе се случува со нелегалните прислушувани разговори.
Според најавите, на средбата ќе се разговара и за судбината на предистражните постапки и на предметите кои се покренати по рокот од 18 месеци предвиден за поднесување на обвиненија од страна на СЈО.
Едно од клучните барања на ВМРО-ДПМНЕ веќе е исполнето, а тоа е Државното јавно обвинителство да ги преземе сите предмети на СЈО.
За СДСМ е прифатливо Јавното обвинителство да ги преземе предметите на СЈО, но засега не се изјаснуваат околу дилемата дали предметите и натаму да ги водат специјалните јавни обвинители. Клучна дилема е што со „бомбите“? Дали тие ќе бидат доказ и понатаму или ќе бидат индиции како што првично беше замислено.
„За нас е најважно сите предмети да не се затворат, туку да имаат иднина и да продолжат, да има силни институции кои понатаму ќе ги застапуваат и да има исход од нив. Сè што ќе биде предложено во таа смисла за нас би било прифатливо, но не е добро политичари да се мешаат во тие институции“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат власта да покаже сериозност за моментот, а не по секој постигнат исчекор напред процесот да го враќаат на почеток, какво што според нив е „договореното“ барање на Катица Јанева од притвор да побара префрлање на предметите во Јавното обвинителство.
„ВМРО-ДПМНЕ и досега покажа дека сè што е во интерес на Република Македонија и на граѓаните активно учествувала и придонесувала кон подобрување на состојбите и кон напредок на државата во евроатлантските интеграции и во однос на носење на закони кои се навистина квалитетни. Секако, тоа не е безусловно и не може да се поддржи каков било законски текст, само и само за да се каже дека законот е донесен“, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен несогласувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на измените во законот за ЈО, проблеми има и во владината коалиција. Високи претставници на ДУИ велат дека законитоста на одлуката на републичкото Јавно обвинителство за преземање на предметите од Специјалното јавно обвинителство е под знак прашалник.
„Законитоста на една одлука донесена во услови кога поднесителот е во притвор, со однапред поднесена оставка и веќе започната постапка за разрешување во Собранието, е под голем знак прашалник и ги споделувам резервите на дел од политичките партии кои не се дел од преговорите, фелата и јавноста, но секој си сноси одговорност за своите постапки, било тоа да се политичари, обвинители, судии. Мора да постои правна извесност и одлуки што се законски, општо прифатливи и влеваат доверба кај граѓаните. СЈО веќе е беспредметно“, изјави пратеникот од ДУИ, Артан Груби. (Н.К.)
Јовески: Подготвени сме за предметите на СЈО
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески очекува обвинителството наскоро да ги преземе и да ги разгледа предметите на СЈО, за да се констатира во која фаза стигнале.
„Првиот чекор е преземањето на предметите, а потоа согласно законот, Јавното обвинителство ќе ги разгледува предметите според своите надлежности. Очекувам тоа да се случи наскоро“ вели Јовески.
Мандатот на специјалните обвинители истекува на 15 септември. Потоа, како што вели Јовески, Советот на јавни обвинители е надлежен да одлучи дали тие треба да се вратат во матичните обвинителства.
Доколку Советот одлучи специјалните обвинители да ги врати во матичните обвинителства, постои можност да продолжат да ги водат предметите на кои работеле досега, со што би се избегнал застој во судските постапки и во истрагите.
Доколку предмети се доделат на други обвинители, потребни ќе бидат недели, ако не и месеци да се изврши увид во обемната документација.
Околу дилемата со „бомбите“, Јовески вели дека прислушуваните разговори ќе ги користи кој било обвинител што ќе преземе предмет од СЈО.
Тоа е спротивно на тврдењата на одбраната на осомничените во случаите на СЈО според кои нема дилема дека прислушуваните разговори можело да ги користи единствено СЈО и дека со трансферот на предметите тие веќе се неупотребливи.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, вчера изјави дека преку неговата институција ќе се одвива трансферот на специјалните обвинители. Но остава простор дека тие можеби и нема да се вратат во матичните обвинителства ако во меѓувреме се донесе новиот закон за јавно обвинителство. Колевски смета дека спорно би било ако со законот се регулира каде ќе одат досегашните специјални обвинители, но дека ако се формира посебно одделение за гонење висока корупција тие би можеле да конкурираат бидејќи се квалификувани токму за тоа.