Заев и Хоџа дел од акцијата за пошумување во атарот на село Теново, Општина Брвеница


Во атарот на село Теново, во Општина Брвеница денеска беа засадени садници како дел од вонредната програма на Јавното претпријатие „Национални шуми“, чија цел е да ги санира штетите од пожарите од ова лето, како и дополнително да ги зазелени голините на планините утврдени како редовна активност за пошумување.

Во Теново денеска беше премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и директорката на ЈП „Национални шуми“ Јулиана Николова.

-Со почетокот на поволните временски и сезонски услови започнаа активностите за успешна реализација на оваа програма. Со интензивното спроведување на програмата за пошумување ќе ги обновиме зелените површини, а со тоа ќе се придонесеме и за подобрување на состојбата на земјиштето, за намалување или сопирање на ерозивните процеси. Владата ќе го следи активно овој процес и во секој момент, доколку се покаже за потребно, ќе учествува во дополнување на програмата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ за посеопфатна и целосно успешна реализација на пошумувањето, нагласи премиерот Заев.

Премиерот додаде дека ова е почеток на исполнување на нивната обврска и грижа за поддршка на процесите на пошумување на обесшумените површини и за зголемувањето на зелените површини поради огромно значење за зачувување на биодиверзитетот, за здравјето на населението и за ублажување на ерозивните процеси и поплавите.

-Оваа програма е нашиот потребен придонес за заштитата и за иднината на нашата животна средина со сите потребни еколошки параметри. Есента е најдобар период за пошумување за засадување на дрвца и сакам да апелирам до секој граѓанин што може да си дозволи да засади дрво и да даде придонес во здрава животна средина, потенцираше Заев на настанот по повод стартот на сезоната на пошумување.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа истакна дека министерството го следи европскиот тренд кој е насочен кон еколошки мерки, користење на енергија од обновливи извори и рационално користење на природните ресурси како и нивно континуирано обновување.

-Грижата за шумскиот фонд, одгледувањето и рационалното користење, спречувањето на дивата и непланска сеча на шумите, обезбедува нивно трајно зачувување во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина. Со денешниот симболичен почеток на пошумувањето овде во село Теново, означуваме почеток на сезоната на пошумување. Во периодот кој следи, ќе се пошумуваат и други локации согласно планот кој „Национални шуми“ го изготвија во соработката со Владата, изјави Хоџа.

Директорката на ЈП „Национални шуми“ Јулиана Николова информираше дека се пошумува со високо квалитетни садници од домашно производство.