Заев и Ахмети денеска ќе разговараат за најавените промени во извршната власт


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети попладне во 16 часот во Владата ќе имаат средба на која ќе разговараат за најавените промени во Владата.

Заев денеска најави дека како коалициски партнери ќе разговараат за кадровски промени во извршната власт.

– Иако симболиката дојде од зборот „метла“, сепак, се работи за луѓе професионалци. Зборуваме за ароганција, за неисполнување на очекувањата од одредени институции и зборуваме за немукаетност или неможност да се постигнат очекуваните цели кои граѓаните ги очекувале. Значи зборуваме за личности, не зборуваме за припадници на политички партии или професионалци кои се во Владата. Сите оние кои покажале слабост од ваков карактер вредно е да се размислува да бидат променети со други луѓе, изјави Заев по дебатата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.