Заев го враќа кај Пендаровски мандатот од Иванов?


Премиерот Зоран Заев веројатно ќе треба да побара нов мандат за формирање влада од новиот претседател Стево Пендаровски, доколку, по колективната чистка на „Бихаќска“, спроведе и потемелни кадровски промени во министерскиот состав на „Илинденска“. По седницата на Централниот одбор на СДСМ во неделата, Заев најави за почетокот на следниот месец и владина реконструкција, со која би биле опфатени најмалку тројца министри, без да прецизира дали во таа бројка го смета и новиот генерален секретар на партијата Љупчо Николовски, кој заминува од челната функција во Министерството за земјоделство.
На 1 јуни 2017 година, по низа перипетии, меѓу кои и неколкумесечното одбивање на тогашниот претседател Ѓорге Иванов да му го даде на лидерот на СДСМ мандатот за формирање влада, во парламентот беше избран кабинетот на Заев. Тогаш свечени изјави, покрај новиот премиер, дадоа и 25 нови министри. Две години подоцна, седуммина од нив не се веќе на истите позиции во Владата, каде што во меѓувреме, главно поради локалните избори и проширувањето на коалицијата, дојде до промени на неколку министри без ресор, како и на челните позиции во министерствата за здравство, култура, образование, правда. Во овој момент, пак, празна е министерската фотелја во Министерството за култура, а од завчера и во Министерството за земјоделство. Исто така, неминовна е смена на вицепремиерот Хазби Лика и именување на министер во новиот ресор за политички систем и односи меѓу заедниците, како што е предвидено со новите закони што беа донесени пред изборите.
Според тоа, Заев е мошне блиску до критичната една третина во однос на промените на првичниот владин состав. Смената на уште еден до двајца министри би го довела во ситуација да мора да го врати мандатот и одново да формира влада што би била избрана во пакет во Собранието, наместо да се избира секој од новопредложените министри посебно, како што е случај при реконструкција. Имено, владиниот кабинет сега брои 26 члена заедно со премиерот, така што смената на повеќе од осум министри од првичниот состав, практично, повлекува повторување на целата постапка за избор на влада.
Според член 94 од Уставот, доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.
Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, еден од творците на македонскиот Устав, посочува дека во минатото нема многу случаи на примена на оваа одредба. Тој оценува дека овој став од членот 94 не се однесува на моменталниот состав на владата, туку на нејзиниот првичен состав од 2017 година. Таа одредба, објаснува Фрчкоски, оневозможува премиерот во континуитет да менува министер по министер, без притоа да побара повторно поддршка од парламентот за избор на нов кабинет.
По седницата на Централниот одбор на СДСМ, Заев најави смена на министри, заменици-министри и други функционери и потенцира дека не гледа никаква причина да понуди оставка од премиерската функција.
-Ќе има промена на министерските позиции, заменици-министри и други функционери во Владата, како и директори на јавни претпријатија, агенции, акционерски друштва во државна сопственост. Секаде каде што нема резултати или се покажала ароганција, се немало доблест, се немало демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат исто така сериозни какви што се овде во политичката партија – рече Заев.
Тој, исто така, посочи дека, имајќи предвид дека досега се променети шест министри, е блиску до една третина.
-Првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на Влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и на правници, рече Заев.
Тој нагласи дека очекува повратен одговор од коалициските партнери Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА, како и од другите партии што партиципираат во извршната власт и во парламентарното мнозинство. Нагласи дека на испразнетите места ќе дојдат главно нови кадри. Според Заев, оваа влада и тој како премиер може да држат лекции за успешност.
-Ги решивме сите отворени прашања во државата. Ние сме горди и не гледам никаква причина да понудам оставка. Го сплотивме нашето мултиетничко општество и чекориме понатаму, изјави премиерот. Тој посочи на затворањето на споровите со Бугарија и со Грција, извесниот влез во НАТО, како и на економските параметри што, како што оцени, уриваат нови рекорди, преку остварени 625 милиони странски инвестиции, раст на БДП од 3,7 отсто и очекувањата првиот квартал да биде над четири отсто.
Ако најавената реконструкција на извршната власт доведе до повторување на постапката за избор на влада, Заев не само што ќе треба да подготви нов список на предлози за министри, независно од тоа колкумина од досегашните ќе останат на функциите, туку ќе треба да состави одново и програма за работа на својот кабинет. Претходно за тоа ќе треба да добие мандат од Пендаровски, што е несекојдневна ситуација со оглед на тоа што најавите за „метлата“ дојдоа токму по првиот изборен круг од претседателските избори, под притисок на слабиот одѕив на гласачите и мошне тесната разлика меѓу кандидатите на владејачката коалиција и опозицијата. Потоа следува рокот од максимум 20 дена во кои мандатарот ќе треба да го состави кабинетот кој треба да биде избран со апсолутно мнозинство во законодавниот дом. Потоа Заев и министрите ќе добијат нов грејс-период од сто дена.
Вакви ситуации на промена на повеќе од една третина од министрите не се паметат во последната една и пол деценија. Исклучок се случаите на промена на мандатарите од редовите на СДСМ, додека партијата беше на власт во периодот 2002-2006 година, кога по заминувањето на Бранко Црвенковски за претседател, мандатар стана Хари Костов, а потоа Владо Бучковски. Потоа, во ерата на Никола Груевски, ваквите ситуации главно беа бајпасирани со чести предвремени парламентарни избори, за во екот на политичката криза мандатот за состав на влада да го добие Емил Димитриев, како технички премиер.
Александра М. Митевска