Заев до Апасиев: Сакаш да живееш во демократија, а да се однесуваш како во комунизам


„Ако живеете во демократија не можете да се однесувате како во комунизам. Во демократијата право на работа има и јавниот и приватниот сектор. Во приватните болници во РСМ нема ништо повеќе што го нема во јавното здравство. Немаат инфективни одделенија, немаат инфектолози, а сакале да одат граѓаните во приватните болници. Никогаш не сме се довеле до таму да нема место во јавното здравство за болен од Ковид. Болен од Ковид не плаќа ништо во јавното здравство. Што бараат сега во приватното?“, му реплицираше премиерот Зоран Заев на лидерот на Левица Димитар Апасиев кој бара Владата да ги изедначи цените во јавното и приватното здравство околу лекувањето од Ковид.

Тој уверуваше дека има места за заболени во јавните здравствени установи и дека јавното здравство има експерти и подобри од тие во приватниот сектор.  

„Не можете да ширите пропаганди и лажни политики зошто сте пратеник и политичка партија. Има ценовник врз основа на меѓународни стандарди што со јасно дефинирани постапки ги усвојува Фондот за здравство. Целосно е направена регулацијата на цените во здравството. И јавното здравство е достапно за сите, и сиромашни и богати. И сега ќе се заканувате со зборовите „ќе висите заедно“. Толку е силна вашата борба за правичност. Ние ќе постапуваме така како што постапува секоја европска земја. Овде пари ниту се штедат ниту се прават било какви калкулации.Опцијата јавно здравство ја имаме сите, се што правите друго е гол популизам. Недозволиво е да си играте со чувствата на нашиот народ за да печалите „лајк“ во општата депресија што владее кај граѓаните. Јавно се заканувате на министер дека ќе виси. Пратеник сте, па знаете дека нема да одговарате, но мене ми е должност да го штитам, одговори Заев. 

Тој нагласи дека никој во власта здравјето не го претвора во бизнис, дека нема повисок приоритет од здравјето на луѓето и дека нешто нема да ги спречи да помагаат на граѓани.

„За сметка на тоа некој се изживуваза  да ќари политички поени“, рече Заев. 

На тоа Апасиев рече дека „ќе висите заедно“ е лозунг на Шарената револуција, дека тогаш му одговарало а сега ќе го гони кривично.

„Повелете, гонете ме, не ви се плашам. Моите очила се зелени, сакам да ми ги позајмите вашите розеви. Кога над 60.000 граѓани останаа без работа да зборувате дека условите се исти во приватни и јавни болници е срамота. Во приватните болници нема буба шваби,а  не сум слушнал исто така дека таму паѓаат фекалии“, реплицираше лидерот на Левица.