Заев: Да се дава поддршка на осудените за 27 април е забеганост


Премиерот Зоран Заев денеска потсети на лузните што ги носи како еден од учесниците на, како што рече, непосакуваните настани од 27 април 2017 година и порача тоа да не се повтори никогаш повеќе, ни во Северна Македонија, ниту било каде во светот.

– Ќе го споделам уште еднаш чувството дека тој 27 април 2017 година два часа и 15 минути секоја секунда јас, колегите пратеници и новинарите околу нас чекаа да го изгубат животот. Буквално секоја секунда вековиште беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собранието е или забеганост или е соучесништво, ништо друго – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

 

Тој рече дека тој лично е мотивиран да продолжи да се бори за да не се повтори тоа никогаш повеќе. Премиерот смета дека е застрашувачки да го видите лидерот на опозицијата, односно алтернативата на власта како презема одговорност и чест, како е прв меѓу поддржувачите на луѓе кои се веќе правосилно осудени и кои се обидоа да убијат.

– И навистина ова е надвор од здравиот разум. Сакам да ја потсетам македонската јавност да има секојпат предвид што всушност има во државата, што се алтернативите коишто постојат во нашата земја и да не дозволат девијантни појави коишто Северна Македонија повторно ќе ја однесат во неповрат или во грозотија од која што сите бевме згорзени на тој 27 април. Пораката е граѓаните, сите ние, да си ја чуваме Северна Македонија, нашата татковина – нагласи Заев по пуштањето во употреба на фабриката на германската компанија „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 во Бунарџик.

Претходно посочениот Христијан Мицкоски  изјави дека Македонија можеби е единствената држава во светот со толку терористи во затвор. На обвинувањата од премиерот Зоран Заев дека со поддршката на осудените за тероризам за 27 април, опозицијата поддржува насилство, Мицкоски вели дека тие само бараат правда, односно одново да им се суди, бидејќи сметаат дека се неправедно осудени во политички процес.

-Може да видите дека судијата кој ги изрече овие драконски казни е судија кој што како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија, изјави денеска Мицкоски.

Тој не ја исклучува можноста за повторно излегување на протести, но најави дека за тоа ќе се дискутира по верските празници Велигден и Бајрам.

За време на викендот Мицкоски со раководството на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од протестот под слоганот „Слобода за уставобранителите“, од каде порачаа дека осудените за тероризам се патриоти и побараа повторно судење.