Заев: Да продолжат преговорите на МОН и СОНК и да се најде решение прифатливо за две страни


Премиерот Зоран Заев апелираше преговорите на СОНК и Министерството за образование за зголемување на платите во образованието да продолжат и да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Синдикатите, рече Заев, треба да се свесни дека државата може да понуди само тоа што навистина може да го даде.

– Јас ги почитувам работничките права. Левичар сум и сакам да имаме задоволни работници заради тоа  задоволни носители на дејност, наставници, професори, но и администрација во образованието може да значиат поголемо пренесување на знаењето кај децата, рече Заев.

Додаде дека како Владата прават максимални напори да се дојде до решение, бидејќи, како што рече, „ние може да понудиме тоа што навистина може да го дадеме, а тоа што го нема буквално е и невозможно“.

Премиерот потенцира и дека во образованието откако оваа влада е на власт имало две зголемувања на платите од по пет отсто. Сега, рече, понудивме ново покачување од април до година во висина од 10 отсто.

-Сакам да испратам порака на разбирање, заради тоа што навистина ние сме свесни дека се ниски платите во образовниот процес. Правиме паралели и со соседството, но дефинитивно  капацитетите на државата се токму тие. Апелирам до СОНК и сите синдикати за разумност во преговорите и за изнаоѓање решение. Ќе го мотивирам министерот да продолжи да разговара. Тој е пријател со СОНК, затоа што таму се нашите учотели, наставници, професори…верувам дека ќе се наде заемо прифатливо решение, рече Заев.

Советот на СОНК денеска едногласно донесе одлука дека не го прифаќа предлогот на МОН и Владата за зголемување на платите во дејноста образование и наука за 10 отсто, почнувајќи од април 2020 година.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес-конференција рече дека своите интереси ќе ги бранат со штрајк што се предвидува за 11 ноември годинава.

-Советот на СОНК во овој период на помирување до генералниот штрајк, до кога има 15 работни дена, уште еднаш го отвора барањето до МОН и бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку наше барање е да почне од 1 јануари 2020 година, рече Неделков.

Од СОНК предлагаат понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување. Како придружни барања што ќе се достават до МОН, како што најави Неделков, се измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава… Неделков смета дека е итно барањето за изготвување и потпишување на колективен договор за високо образование и наука кој би бил со период на имплементација од 1.1. 2020 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Неделков рече дека доколку не се исполнат нивните барања би се одржал штрајк кој ќе биде со прекин на работниот процес во основните, средни и високообразовни институции.

Тој очекува во меѓупериодот до најавениот штрајк, нивните барања да бидат разгледани и да имаат средба со претстваници на Владата и на МОН.