Заев: Да купуваме домашни производи, да им помогнеме на економијата и компаниите


Претседателот на СДСМ и носител во Четвртата изборна единица Зоран Заев денеска апелираше граѓаните да купуваат домашни производи особено сега бидејќи на таков начин, како што рече, ја помагаат домашната економија и ги помагаат нашите вредни производители на македонски производи и на македонска квалитетна храна.
– Преку третиот пакет мерки пуштивме во оптег 355 милиони евра на 730.000 корисници, преку платежни картички, ваучери, поддршка за младите и студентите, и други мерки. Овие пари преку платежните картички и ваучерите ќе завршат во македонските компании и бизниси и ќе им помогнат да ги зачуваат работните места, да ја надминат кризата и повторно да се насочат кон раст, отворање на нови работни места и пораст на платите на своите вработени, изјави Заев, кој денеска ја посети тераписката заедница „Покров“ во село Водоча, Струмичко.
Заедницата се занимава со социјално претприемништво и рехабилитација и ресоцијализација на лица кои биле зависници од употреба на наркотични средства, алкохол и други психотропни супстанци.
„Покров“, како што рече, е еден пример на социјално претприемништво кој треба да се следи бидејќи овозможува позитивни општествени промени и социјална инклузија на корисниците на оваа програма.
-Во следниот четиригодишен мандат планираме силно да ги подржиме иницијативите за формирање на вакви социјални претпријатија со нов закон за поддршка на социјално претприемништво, со фокус на младите и жените, и со отворање на три центри за поддршка на социјални претпријатија. Производството на квалитетни македонски земјоделски производи коишто произлегуваат од Покров е промоција на нашиот земјоделски потенцијал во струмичкиот регион кој уште посилно ќе го впрегнеме да биде еден од главните мотори на новата македонска економија, рече Заев.