Заев чека виза од министрите за да „министерува“ со финансии


Седницата на Владата што е најавена за в четврток ќе биде прва за четворицата нови министри што влегоа во тимот на премиерот Зоран Заев. Како што се најавува, не е исклучено на оваа седница да има нов бран кадровски промени, главно на директорски места и на други функции во третиот ешалон, каде што изборите или именувањата одат преку Владата. Најавена е смена на дваесетина директори, но неизвесно е дали сите разрешувања и именувања ќе бидат на една или на неколку последователни владини седници.

Неофицијално, се најавува можна смена и на неколкумина заменици министри, покрај оставката што ја поднесе Петар Атанасов во образование, ама тој процес ќе потрае уште извесно време, со оглед на тоа што и изборот и разрешувањата на заменик-министрите одат преку парламентот. Во меѓувреме, не стивнува случајот со министерот за образование Арбер Адеми. Инспекторот за високо образование Ѓорѓи Илиевски бара Тетовскиот универзитет да ги поништи одлуките за унапредување на Адеми во доцент. Во изјава за ТВ 21, Илиевски вели дека и директорот на Просветниот инспекторат Томе Спировски треба да поднесе оставка. Паралелно, во и околу „Илинденска“ се развива и скандалот поврзан со генералниот секретар на владата Драги Рашковски.

Според информациите, новиот бран смени е една од причините поради кои редовната владина седница овој пат се поместува за два дена, односно, наместо во вообичаениот термин – вторник, ќе се одржи в четврток. Друга причина е да им се остави простор на новите министри да се приспособат на новите работни обврски. Тие во изминатите денови веќе се вселија во своите кабинети, а единствено празен остана министерскиот кабинет во финансии, откако оттаму замина Драган Тевдовски, а по него од Министерството се повлекле и дел од неговите најблиски соработници.

Тевдовски уште во четвртокот, минатата седмица, ги спакува куферите и се збогува со вработените во Министерството за финансии, по што се упати кон својот професорски кабинет на Економскиот факултет при УКИМ. Иако замина од Владата, се очекува тој да остане член на извршниот комитет на СДСМ – највисоко раководно тело на владејачката партија, каде што, и во времето кога ја пишуваше социјалдемокртаската програма за изборите во 2016 година, беше претседател на Комисијата за финансирање.

Заев, кој најави дека ќе биде „чувар на државната каса“ додека не предложи и не биде избран нов министер, според информациите, ниту вчера ниту во петокот не бил во Министерството за финансии. Според владини извори, премиерот дури од четврток ќе може да презема надлежности како в.д. министер за финансии, откако за тоа ќе добие овластување од Владата што ја предводи. На седницата в четврток, Владата треба да донесе одлука за пренесување посебни овластувања на премиерот, за тој да може да раководи со Министерството за финансии до избор на нов министер. Дипломати во земјава велат дека не се среќни поради смената на Тевдовски и тоа што во рацете на премиерот се концентрира уште една функција, со што се намалува и можноста за контрола на трошењето на парите.

Заев минатата седмица најави дека ќе назначи нов министер за финансии најдоцна до терминот кога ќе треба да се формира техничка влада за спроведување на следните парламентарни избори, што во редовен термин би требало да се одржат наесен следната година. Техничката влада, според законите за избори и за влада, би требало да се формира 100 дена пред датумот што ќе биде предвиден за одржување редовни избори, за што последен рок би бил почетокот на септември 2020 година, до кога би имал мандат и овој кабинет на чело со Заев.

Времениот министер за финансии, во секој случај, го чека набиена агенда, со оглед на тоа што во наредниот период ќе треба паралелно да извршува две жешки функции. Заев најави можен ребаланс на буџетот кон крајот на летото, во чија подготовка ќе треба да се вложи и самиот, а веднаш потоа ќе треба да почне да го подготвува и буџетот за наредната изборна година.

Македонија веќе има едно искуство со премиер кој раководел друг ресор. Така Љупчо Георгиевски едно време го презеде и раководењето со Министерството за култура, но без формално да биде назначен на функцијата. За Заев, пак, се покажа како проблематично тоа што и формално се предложи за министер за финансии. По укажувањето на Антикорупциската комисија за двојство на функции, тој го повлече предлогот за и номинално да биде избран за министер за финансии во парламентот и најави дека ќе биде вршител на оваа функција до избор на нов министер.

Дураки и Милевски немаше кој да ги пречека

Во изминатите два дена, откако во четвртокот вечерта ги дадоа свечените заклетви во парламентот, новите или ротирани членови на Владата се вселија во новите кабинети: Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, замина од парламентот во Министерството за локална самоуправа, во некогашната зграда на НИП „Нова Македонија“, каде што во петокот го пречекаа само државниот секретар Кирил Парталов и заменик-министерот Дејан Павлески од редовите на СДСМ. Довчерашниот министер Сухел Фазлиу не дојде да му ја предаде должноста, откако неговата НДП најави дека излегува од владејачката коалиција затоа што остана без ресор во Владата. Во меѓувреме, во парламентот стигна и оставката на единствениот пратеник на НДП, Весел Мемеди, кој беше и потпретседател на парламентот. Доколку Мемеди евентуално не се премисли и ја повлече оставката, таа би требало да биде констатирана на следната собраниска седница, која би се одржала околу 9 јули.

Досегашниот министер за животна средина Садула Дураки, пак, му ја предаде функцијата на својот наследник, предложен исто така од ДУИ, Насер Нуредини, кој „допатува“ од Виена за да биде член на Владата. Потоа Дураки се пресели во новото Министерство за полички систем и односи меѓу заедниците, поточно замина од зградата на МРТВ во Владата и тоа во просториите каде што досега беше сместен Секретаријатот за Рамковен договор. Овој Секретаријат веќе не постои.

Од друга страна, стариот и новиот министер за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и Трајан Димковски вчера и пред камери направија примопредавање на функцијата. И двајцата беа предложени од СДСМ, со тоа што Николовски пред околу еден месец стана генерален секретар на партијата, а Димковски дојде на негово место како човек од ресорот. Николовски рече дека од она што му го остава на својот наследник, примарни би требало да бидат проектите во водостопанството и реформите во шумарството. Димковски, пак, најави дека покрај евентуалните интервентни мерки и дејствувањето кога е најпотребно, ќе ја продолжи праксата на креирање долгорочна стратегија, а ќе се фокусира и на подготовките на секторот за претстојното отворање на поглавјата од претпристапниот дијалог со ЕУ.

Во петокот и доскорешниот министер за култура Асаф Адеми му ја предаде Функцијата на Хусни Исмаили. Адеми поднесе оставка на 6 мај, но таа беше констатирана дури на 26 јуни. И двајцата се кадровско решение на Алтернатива, со тоа што првиот е градежен инженер, а вториот лекар ревматолог. Исмаили е трет министер за култура од формирањето на владата на чело со СДСМ, каде што првично влезе Роберт Алаѓозовски.

Александра М. Митевска