Заев: Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство
Премиерот Зоран Заев соопшти дека Бугарија денес го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој се вели дека соседот треба да и помага на Северна Македонија на патот кон членството во Европската Унија.
– Имаме прва блокада од Бугарија. Денеска е прекршен тој член, ние ништо до сега не прекршивме. Ова е прво непријатно чувство, рече кусо Заев и дополни дека за тоа е информиран од Брисел, без да изнесе детали. Тоа за него е непријателски сигнал и додаде дека тоа значи дека е стопирана првата фаза од креирањето на преговарачката рамка помеѓу Македонија и ЕУ.
Потсети дека се одвиваат интензивни комуникации меѓу двете земји, посебно меѓу двете Министерства за надворешни работи, изразувајќи уверување дека ќе се изнајде решение.Повтори оти нема да се склучува нов договор или анекс, туку се работи за појаснување што може да се даде во форма на изјава, писмена или усна, како што рече, со конечна цел да се придвижат работите.
-Ние имаме договор во кој треба да ги искористиме сите оние паметни и перспективни моменти што постојат во него, а тоа е моделот дека имаме дел во нашата историја што ни е заедичка, а дел ни е посебна, да го искористиме моделот на заедничка историја и низ заедничката истрија да ги изнајдеме начините на она што сакаме да го утврдиме. Ако бидеме паметни, она што го потпишавме во 2017 верувам дека ќе биде одлична можност да се изнајде решение. Историските прашања треба комисиите да ги решаваат, и гледаме дека работат, оцени Заев.
Потсети дека следниот состанок на Заедничката комисија е закажан за 5 декември, а идната година следуваат уште пет состаноци.
-Убеден сум дека бугарскиот народ му мисли добро на македонскиот народ, и верувам дека бугарската Влада заедно со претседателот Радев на крајот на денот сакаат да помогнат во интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и тоа така ќе се движи. Остануваме посветени пријатели на целиот процес, заради тоа што само пријателството носи прогрес, перспективи и бенефити, за граѓаните и на Северна Македонија и на Бугарија и верувам дека во тој дух ќе продолжат и разговорите. Верувам дека и со помош на германското претседателствово декември ќе успееме да ја одржиме и првата меѓувладина конференција, истакна премиерот.
„Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“, стои во челнот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во понеделник е предвидена средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов во рамки на Берлинскиот процес, но Заев рече дека можеби нема да дојде до средбата, откако претседателот на бугарската влада објави дека е позитивен на Ковид-19.
– Ќе можеме да се видиме и поразговараме со Борисов ако е во добро здравје, ако не, ќе одржиме онлајн самит, додаде Заев.
Заев сепак смета дека не треба да се прави драма иако, како што рече, испратена е неубава порака од бугарска страна. Премиерот е оптимист дека на следните два состанока на работните групи може да се приближат ставовите, а се надева и на позитивен исход од средбата со Борисов во понеделник.
Денеска во Брисел се одржуваше состанокот на амбасадорите на ЕУ, КОРЕПЕР, на кој рамката за преговори со Македонија беше една од точките на дневниот ред. Со оглед на тоа дека бугарските барања испаднаа од неа, поточно воопшто не беа вклучени, очигледно Софија не дала согласност за заклучоците што биле договорени на состанокот. Изјавата на Заев, особено повикувањето на Договорот за добрососедство, може да сугерира дека е можно Македонија да бара судска разрешница на ситуацијата бидејќи на инсистирање на Бугарија, кога се потпишуваше по вторпат, тој доби статус на меѓународен договор. Останува да се види дали прашањето за нашите преговори ќе биде отворено на министерско ниво на 17 ноември.