Заев: Билатералните прашања не треба да бидат пречка за евроинтеграциите, ниту изборите за билатералните процеси


Дијалог, а не конфликт создаваме со Бугарија, смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА во врска со натамошните чекори за решавање на спорот со соседната земја.

Премиерот нагласува дека комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение и додава дека ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите во Бугарија не треба да бидат пречка за решавање на билатералните разлики.

Очекува по новогодишните празници нашиот специјален претставник Владо Бучковски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева да ја продолжат комуникацијата за изнаоѓање решение.

-Затоа, во вакви моменти, на предизвик, треба да покажеме европски вредности.  Дијалог, наместо конфликт.  Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации.  Заеднички успех, наместо споделен неуспех.  И ние и бугарската страна имаме обврска за македонските и за бугарските граѓани да испорачаме европска иднина, но со почитување на европските вредности, вели Заев во интервјуто за МИА.

Нагласува дека по чистата мартовска одлука за старт на преговорите со ЕУ, која беше поддржана од сите земји членки, вклучително и од Бугарија, по европскиот извештај во март ние сме толку неспорно за Европа, а секое одлагање на нашиот старт на преговорите само го доведува кредибилитетот на Унијата во прашање.

Тој истакна дека со неодобрувањето на преговарачката рамка Северна Македонија ќе изгуби драгоцено време, но најголем губитник е Европската Унија.

– Ова е удар врз темелите на кои е изградена Унијата, вели Заев и додава дека земјава ќе биде максимално активна по ова прашање.

-Ние ќе бидеме максимално активни по ова прашање. Ќе се бориме затоа што нашите деца очекуваат да победиме во битките на 21 век, да бидат во ЕУ и да бидат сигурни и стабилни како што се сега во НАТО. Нема да дозволиме со некои кулоари и крчми повторно да ни ја крчмат татковината. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам затоа што тоа е наша, заедничка битка за која се едногласни сите граѓани на нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите останати, порача Заев во интервјуто за МИА, кое наскоро ќе биде објавено во целост.