Заев: Бараме донатори за да купиме терминали за пописот


Правиме сѐ за да бидете спокојни за пописот, реплицираше  денеска премиерот Зоран Заев на обвинувањата од опозицијата дека се исклучени од решавањето за пописот и дека се спрема фалсификат. Според Заев, се прават напори предлозите на опозицијата кои се однесуваат на законот за попис да бидат прифатени. 

-Опозицијата даде нов предлог, да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени по една година. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат пет милиони евра, па да купиме пет илјади терминали за отпечатоци кои ги користиме за изборите, ама еве ќе помогнат и за пописот, изјави Заев.

Објасни дека има три категории попишување – едниот дел се вкупно сите граѓани, вториот дел се граѓани резиденти, односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани што се иселени на подолг период од една година. Тоа вели ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично. Заев кажа дека попишувачите се професионалци и дека нив „не ги дава ни СДСМ, ни ДУИ, ни Алијанса, ни ВМРО-ДПМНЕ“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека важно е да нема фалсификат на пописот.

„Заев сака да спроведе попис без поширока консултација на јавноста и без да ги прифати предлозите на опозицијата. Според начинот на Заев Македонија ќе преброи 3 милиони жители. Без примена а терминали за отисок од прст не може да се утврди реалната слика“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

За пописот велат дека Заев не смее да го спроведува на принципот на талибански избори. Од партијата додаваат дека таков попис нема да признаат.