Заев бара пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да му откажат послушност на Мицкоски


Фото: Б. Грданоски
Премиерот Зоран Заев вечерва на Фејсбук оцени дека обидите да се блокира работата на Собранието во услови на светска пандемија е опасно, срамно и неодговорно однесување. Ги повика пратениците од опозицијата да го преиспитаат својот став.
 
– Очигледно Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, отсуството на свој став, мерка, предлог или политика сакаат да го надоместат со тоа што ќе предизвикаат штета на граѓаните, во време кога им е неопходна помош од државата. Се обидуваат да блокираат носење на закони среде пандемија со коронавирусот, меѓу кои и оние за ваучерите од 6.000 денари, за помош на пензионерите, самохраните родители, слободните уметници и филмски работници, како и мерките за помош на лозарите. Апелирам да се повлече ова бесмислено ставање сопки и кочење на работата на Парламентот и да се прифати можноста, како и насекаде во светот, за онлајн работа на далечина, напиша Заев на Фејсбук.
 
Нагласува дека народот има потреба од функционално Собрание и оти секоја политичка партија треба да ги застапува интересите на граѓаните.
 
– Упатувам порака да се преиспитаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и да одлучат, дали за нив, послушноста кон Мицкоски е поважна од граѓаните. Ние сме решени. Реформите мора да продолжат, како и поддршката на државата за своите граѓани, особено во ова тешко време. Граѓаните ќе добијат функционално Собрание. Реформите важни за државата, за граѓаните, нема да застанат. Напредокот ќе продолжи, помошта за граѓаните и економијата во справување со вирусот ќе продолжи, наведува Заев во фејсбук статусот.