Заев: Ако нема датум за преговори нема реконструкција
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска најави уште една средба со германската канцеларка Ангела Меркел, за што веќе има потврден термин. Не прецизираше кога и каде би се одржала средбата.
-Мене ми е драго што е испратена порака за точен термин за состанок со канцеларката Меркел. Овој успех е и на канцеларката Меркел и на земјите членки на ЕУ, која беше лично тука за референдумот да охрабри и да даде политичка поддршка, но и економска. Колку и да се регионални аспекти причини за калкулирање со одлуките, оти ние сигурно не сме, тоа е потврдено. Петнаесет години чекаме, треба да се случи, рече Заев по прес-конференција во Владата попладнево.
За информацијата дека Меркел не се согласува да и се даде датум за преговори на Северна Македонија, Заев рече дека за тие што се упатени, информацијата е стара и оти за ова прашање се уште се во тек разговори на највисоко ниво, но и со пратеници. Посочи дека за нас се важни одлуките и информациите на Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) кој има состанок од 18 до 21 јуни, а потоа и на крајот на јули.
-Европскиот совет е тој што ја носи конечната одлука. Прво се наговестува преку ГАК. Да не ги пропуштиме овие термини, рече Заев.
Премиерот кажа дека доколку не добиеме датум за преговори тој најавил враќање на мандатот и оти од тоа зависи дали ќе има избор на нова Влада или само реконструкција. Ако остане во план реконструкција на Владата, тогаш тоа може да се случи најдоцна до крајот на јуни. Сепак, Заев кажа дека на идната седница ќе има одредени промени на директорските места.
– Замислите за реконструкцијата беа поприлично завршени, но заради тоа што парламентарното мнзоинство не е така спокојно после сите одлуки што ги донесе и не гарантира дека ќе се одржи. Затоа најавив и можно враќање на мандатот, тоа значи отворање на различни можности, прво дебата во кој правец продолжуваме и тоа во случај ако не се донесе одлуката ова лето. Ќе ги видиме и основите од разговорите со канцеларката Меркел, а ние сме во постојана комуникација со лидерите од сите земји, истакна Заев.
Потсети дека министрите Димитров и Османи вчера биле во Франција, од каде одлуките се позитивни, а одлуки носат и во холандскиот парламент.
-Останатите земји се вклучени да помогнат. Најмногу Грција и Бугарија, но помагаат и сите други Хрватска, Словенија, Романија како претседавач, рече Заев.