„Заев 2“ ќе биде за економија


Очекуваме во првите 10 дена од јуни да бидат завршени коалициските разговори и консултациите со можни кандидати, затоа што ни треба Влада што ќе има целосен мандат и нема да размислува на кадровски, туку исклучиво на најважните политички прашања, најави вчера вицепремиерката Радмила Шекеринска. Министерката за одбрана вели дека проценка на Владата била фокусот да се стави на извештајот на Европската комисија, а потоа да се фати со најавената чистка.
„И тоа се покажа исправно. Извештајот на ЕК покажа дека оваа држава навистина направи не серија реформи, туку направи чудо на регионален, но и на домашен план. За тоа да продолжи и во преговорите да влеземе со целосен капацитет, мора да си ги завршиме и домашните обврски“, изјави Шекеринска.
Преговорите меѓу лидерите на коалициските партии, Зоран Заев и Али Ахмети, се при крај, потврдуваат и во ДУИ. Потпретседателот Изет Меџити тврди дека првите луѓе на СДСМ и на ДУИ ги договориле најголемиот дел од имињата и тие наскоро треба да бидат соопштени.
„Работата е завршена речиси 90 отсто. Тоа ќе биде влада ‘Заев’, која би се концентрирала на економијата и на капиталните инвестиции“, нагласува Меџити, одбивајќи да зборува за конректни имиња.
Четири членови во владата се директно задолжени за креирање финансиски политики: вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрот за финансии – Драган Тевдовски, за економија – Крешник Бектеши и за транспорт и врски – Горан Сугаревски. Одејќи по логиката на Меџити, нивните места се меѓу најзагрозените. Во политичките кругови се коментира дека Анѓушев е сигурен на вицепремиерското место, затоа што е врска на владата со бизнисот. Тевдовски веќе остана без советникот Бранимир Јовановиќ, а му се забележува за повисоките даноци и акцизата за горивата. На Бектеши и онака главен аргумент му е тоа што е поставен од ДУИ, додека името на Сугаревски се слуша низ јавноста како за поранешен министер поради циркусот со автопатиштата, но засега, сѐ е во доменот на шпекулациите. Се зборува и дека паралелно се работи на смена на над дваесетина директори на јавни претпријатија и институции под државна капа, кои покажаа незадоволителни резултати.


Премиерот Зоран Заев во вторник и во среда ќе биде во Брисел во посета на Европската комисија и на Европската банка за обнова и развој. Во странство, во Швајцарија заминува и парламентарниот спикер, Талат Џафери, кој му даде „фора“ на Заев да заврши со реконструкцијата на владата најдоцна до 15 јуни, затоа што потоа ќе замине во Кина.
„Деталите за посетата сѐ уште не се прецизирани, Џафери избрза што се пофали пред новинарите“, велат извори од Собранието.
Доколку Заев и Ахмети не успеат да се договорат до рокот што им го постави Џафери, ќе мораат да чекаат да се врати од Кина што би довело до дополнителна нервоза меѓу засегнатите, но и до ново дефокусирање од главните проблеми што ни ги предочуваат и партнерите од Брисел. Џафери е познат по честите патувања надвор од земјава, па на шега се коментира дека почесто е во авион отколку во Собранието.
„Веќе разговарам, особено со нови луѓе, кои треба да дојдат на позиции што ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, рече Заев.
Во моментов, празни се министерските места во културата, земјоделство и во новото министерство за политички систем, кое денеска требаше да започне со работа. Во политички кругови се лицитира со бројка од околу пет министри, кои би биле опфатени со „проветрувањето“, не сметајќи ги празните три министерства.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски