Заедничка седница на владите на Северна Македонија и Косово на 25 јануари


Фото: Б. Грданоски

Владите на Република Северна Македонија и Република Косово се договориле заедничката седница, за која претходно беше постигнат договор, да ја одржат на 25 јануари во Скопје, објави денеска косовската Влада.

Како што јави  дописникот на МИА од Приштина, на денешната владина седница косовската вицепремиерка Албулена Баљај-Халими ги информира останатите членови на кабинетот на премиерот Авдулах Хоти за текот на подготовките за заедничката седница, која беше договорена на нејзината неодамнешна средба во Приштина со првиот вицепремиер во македонската Влада, Артан Груби.

– Се согласивме заедничката седница да се одржи на 25 јануари 2021 во Скопје, во просториите на Владата на Северна Македонија, изјави Баљај-Халими.

Косовската Влада денеска ја усвои и иницијтивата за потпишување меѓународен договор меѓу владите на двете држави за заеднички гранични премини во Блаце – Генерал Јанковиќ и Јажинце – Глобочица, како и иницијативата за договор за туристичка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Косово.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Агим Велиу изјави дека овие дејствија се во правец на олеснување на процедурите и мерките во врска со граничната контрола и другите меѓугранични процедури.