Зад протестите на пензионерите стои ВМРО-ДПМНЕ, тврди министерката Тренчовска


 

Нема спонтаност и самоорганизираност во протестите на пензионерите. Тие се во организација на ВМРО-ДПМНЕ за да се направи хаос во општеството, оцени денеска министерката за труд и социјална политика, Јова Тренчовска, зборувајќи во утринската програма на МТВ

„Ако ги погледнеме сите оние (учесници н.з.) низ градовите кај што има протести на пензионерите, ќе ги видиме во иницијативи, во одбори, родители на високи функционери во ДПМНЕ или пак и самите се членови на телата во партијта. Тоа укажува дека не се самоорганизирани, не е спонтана реакција на пензионерите, туку дека зад овие протести стои токму ДПМНЕ сѐ со цел да направат хаос во општеството, како што и впрочем години наназад работат да направат хаос во државата“, рече Тренчевска.

Таа најави дека денеска ќе има состанок со Сојузот на пензионери, кое, како што посочи, е легитимно тело кое се грижи за 330.000 пензионери и со кое досега биле договоени сите мерки низ дијалог и преку флексибилност од двете страни.

Таа зборуваше и за барањата за линеарно зголемување од 3.500 денари за сите 330.000 пензионери и минималната пензија да биде 18.000 денари. Тренчовска ги повтори вчерашните оценки дека тие се неуставни и неправедни.  

„Прво, се поставува прашањето дали линеарното зголемување е уставна категорија, дали 18.000 минимална пензија е праведно за сите пензионери? Ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите кои во моментот имаат минимална пензија имаат 15, 16, 17 години стаж, а имаме и пензионери кои имаат 30, 40 години стаж, кои можеби биле исто така на минимална плата и немаат висока пензија, некаде 20 000 денари. Дали за нив е фер нивниот влог во пензискиот фонд од 40 години да го изедначиме со оној на оние кои имаат 15 години контрибуција во пензискиот фонд“, рече таа.

Таа додаде и дека со евентуално зголемување на пензиите за 3.500 денари, фискалните импликации за државата би биле големи. Тоа би довело од преоптоварување на Фондот за пензинско осигурување и во прашање би ја довело стабилноста на целиот пензиски систем. Ако пензијата линеарно се зголеми за 3.5000 денари тоа ќе значи дека годишно ќе треба да се одвојат дополнителни 230 милиони евра за пензискиот фонд.