Забранета продажба на облека, обувки, книги, играчки во супермаркетите во Грција додека трае карантинот


За да се избегне нелојалната конкуренција за време на карантинот, од утре е забранета продажба на облека и обувки, електронски производи, играчки, книги и слично во супермаркетите до 30 ноември, односно сѐ додека се затворени останатите продавници специјализирани за вакви производи, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, вели дека одлуката е „обид да се обезбеди рамнотежа и еднаквост на пазарот, во периодот додека се во сила рестриктивните мерки“ и голем дел од бизнисите се затворени по наредба од државата.

Согласно објавената министерска одлука, за време на карантинот во продавниците за храна и супермаркетите забрането е да се продаваат: компјутери, компјутерски уреди и софтвер; телекомуникациска опрема; аудио и видео опрема; текстилни производи; теписи; електрични апарати за домаќинство; мебел, лустери и други предмети за домаќинството (со исклучок на резервни делови); книги; играчки, облека (со исклучок на хулахопки) и обувки.

Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, говорејќи за грчкото радио „Скај100.3“ и истакна дека грчкиот премиер ја разгледува можноста да се отворат книжарите и продавниците за продажба на книги.