Заборавете на рецесија, ова е депресија


Депресијата е уште полоша од рецесијата - како одржлив, долгорочен пад на економската активност во една или повеќе економии

Нема сомнение, Велика Британија и многу други европски земји веќе се во депресија. Депресијата е уште полоша од рецесијата – како одржлив, долгорочен пад на економската активност во една или повеќе економии. Депресијата е генерално подлабока и подолготрајна од рецесијата, пишуваат во лондонски „Гардијан“, двајца универзитетски професори, Дејвид Бланшфлауер од колеџот Дартмут во Њу Хемпшир и Дејвид Бел од универзитетот Стирлинг.

Како што секојдневната драма со „Ковид-19“ продолжува бесчувствително да ги плаши сите, има уште еден клучен показател кој е повеќе за економското отколку за физичкото здравје, на кој исто така треба да се посвети големо внимание. Прашањето е колкава е всушност невработеноста, колку е зголемена и колку ќе се зголеми во не толку далечна иднина. Како што бизнисите паѓаат на колена, многу работници не се на нивните работни места, а невработеноста расте. Проблемот е во тоа што не знаеме колку е веќе зголемена и колку ќе биде зголемувањето во иднина. Стапките на невработеност веројатно ќе бидат најголеми до сега, како и брзината на зголемувањето, пишуваат Бланшфлауер и Бел.

Физичкото (социјалното) раздвојување имаше катастрофално влијание врз инаку одржливите деловни активности. Многу фирми се затвораат. Без јасна визија колку долго ќе бидат затворени бизнисите, или како ќе се одвива закрепнувањето, нивната иднина е неизвесна. Никогаш немало таков концентриран колапс на бизнисите. Владата се обиде да одговори, но нема претстава колкав е обемот на проблемот со кој треба да се соочи. Се навративме на пресметките и тие се застрашувачки.

Бланшфлауер и Бел велат дека веќе имаат некои докази за степенот на колапсот во деловните активности и кај довербата на потрошувачите, што падна меѓу февруари и март 2020 година исто колку во 2007-2008 година, непосредно пред почетокот на Големата рецесија. Се чини дека колапсот на активностите и порастот на невработеноста е најмалку 10 пати побрз отколку во Големата рецесија од 2007-9 година. Индексот на менаџерите за набавки (PMI) кој ги покажува економските трендови во производството, за периодот 12-27 март покажа рекорден пад кој го надминува претходниот рекорд забележан во екот на финансиската криза. Вработувањето падна со најбрза стапка од јуни 2009 година.

Пандемијата Ковид-19 ќе ги стави во трета лига сите претходни податоци за зголемување на невработеноста во краток рок

Големата депресија е репер за депресиите. Располагаме само со годишни податоци, кои покажуваат дека помеѓу 1929 и 1933 година, стапката на невработеност во САД од 3,2 отсто се зголеми на 24,9 отсто. Во текот на овој четиригодишен период, бројот на невработени Американци се зголеми од 1,6 милиони на 12,8 милиони. Во Велика Британија, помеѓу 1929 и 1932 година стапката на невработеност од 7,2 отсто се искачи на 15,4 отсто, а дополнителни 1,9 милиони луѓе не можеа да се прехранат. За споредба, Големата рецесија од 2008-2010 година беше мала работа, барем што се однесува до невработеноста. Според достапните месечни податоци, стапката на невработеност во САД се зголеми за пет процентни поени помеѓу јануари 2008 и октомври 2009 година, додека во Велика Британија се зголеми од 5,2 отсто на почетокот на 2008 година на 8 отсто на почетокот на 2010 година.

Овие зголемувања на стапката на невработеност опфаќаат периоди од една или повеќе години. Пандемијата Ковид-19 ќе ги стави во трета лига сите претходни податоци за зголемување на невработеноста во краток рок.

Професорите велат дека имаат прилично добра претстава што се случува со невработеноста во САД од недела во недела. Секоја недела сојузните држави во САД известуваат колкави се побарувањата за осигурување во случај на невработеност, а Министерството за труд ги објавува овие проценки за целата земја. Ништо не навестуваше што се случило во САД во првите две недели од март. До 7 март имаше 211.000 нови барања и 282.000 наредната недела. Но, тогаш се случи експлозија: во третата недела, што заврши на 21 март, 3,3 милиони работници поднесоа барање за осигурување во случај на невработеност; во четвртокот на 2 април, Министерството за труд објави дека дополнителни 6,6 милиони американци поднеле вакви барања за неделата што завршува на 28 март.

Најновите податоци за пазарот на труд во САД во март беа навистина ужасни. Стапката на невработеност за еден месец се зголеми од 3,5 отсто на 4,4 отсто – што е најголем месечен пораст во последните 60 години. Податоците за април што треба да бидат објавени на 8 мај неизбежно ќе бидат уште позастрашувачки. Сега се опфатени само случувањата во почетокот на март, а не и повеќето од зголемувањата во втората половина на март. Но, април, мај и јуни ќе изгледаат ставотно.

За жал, Велика Британија има нејненавремени и најмалку точни податоци за пазарот на трудот во однос на другите развиени земји. Последниве денови порастот на апликациите за универзален кредит изгледаат деструктивно лошо, но тиа даваат само груба претстава за обемот на какво било зголемување на невработеноста.

Секоја друга земја, вклучително и САД, наскоро ќе објави податоци за март. Канцеларијата за национална статистика (ONS) на 21 март објави податоци за периодот ноември 2019 – јануари 2020 година – статистика која сега воопшто нема вредност. На 21 април ќе добиеме податоци за декември до февруари; кон средината на мај, за јануари до март. Ќе треба да се чека до јули за стапките на невработеност за периодот март-мај, односно за периодот на таканаречениот „локдаун“. До тогаш ќе биде предоцна. Бескорисно.

Дејвид Бланшфлауер од колеџот Дартмут во Њу Хемпшир и Дејвид Бел од универзитетот Стирлинг

Федералните резерви на Сент Луис изработија проценка за порастот на невработеноста во САД, врз основа на големината на занимањата за кои е најголем ризикот од затворање поради Ковид-19. Проценката е зачудувачки лоша. Според овие процени, невработеноста во вториот квартал од 2020 година во САД може да достигне 32 отсто. Ги разгледавме проценките за професионалната структура во Велика Британија со користење на слични методи, проценувајќи кои занимања се најмногу изложени на ризик од Ковид-19 и претпоставивме дека во краток рок околу 50 отсто од работниците во овие професии ќе ги загубат работните места. Врз основа на тоа, она што доаѓа на пазарот на трудот изгледа ужасно, пишувааат Бланшфлауер и Бел.

Двајцата професори проценуваат дека невработеноста ќе се зголеми за околу 5 милиони работници, односно од 1,34 милиони на повеќе од 6 милиони до крајот на мај, а може да биде и многу полошо. Тоа ќе ја зголеми однесе стапката на невработеност на околу 21 отсто – повеќе од пет пати од сегашната стапка од 3,9 отсто – и тоа брзо. Некои од овие работници ќе бидат привремено невработтени и може да се вратат на работа ако и кога ќе има закрепнување, но ова ќе се случи само доколку нивните компании се солвентни и имаат пазар на кој ќе продаваат. Ова ќе станува се потешко, колку што подолго трае заклучувањето.

Накратко: невработеноста во Велика Британија ќе се зголемува многу. И овој пораст треба да се следи на дневна основа, а не шест месеци откако ќе се случи, пишуваат универзитетските професори Дејвид Бланшфлауер и Дејвид Бел во „Гардијан“.