За Владата, скандалозната објава на директорот Далибор Китановиќ за Младиќ бил негов личен став. Очекува тој да ја повлече


Фото: Б. Грданоски

 

По големата бура што ја предизвика глорификацијата на воениот злосторник Ратко Младиќ по неговата смрт во Хаг, Владата се јави со реакција оставајќи на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, да ја повлече скандалозната објава на својот Фејсбук профил, велејќи дека тоа бил негов личен став. А доколку не го стои тоа самиот да се повлече од функцијата.

„Ставот на Владата е јасен и се темели на меѓународно утврдени правни факти. Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд. Ставот на Китановиќ е негов личен став и неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата. Волунтаризам е неприфатлив и Владата ќе побара од Китановиќ да го повлече ставот. Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата, очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува“, рекоа од Владата. Нема најави дека тој би можел да биде разрешен поради грдиот впечаток што тој и неговата партија, Демократска партија на Србите, го оставија кај нашите меѓународни партнери.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во одговор за медиумите рече дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на други држави. Иако величењето на еден од најозлогласените воени злосторници во регионот, најодговорен за масакрот на 8.000 мажи момчиња во Сребреница е работа што ја засега и македонската држава.