За Владата оставката на Дамева е единственo можна одлука
Единствена можна и исправна одлука, според Владата, е неотповикливата оставка којашто денеска од својата функција ја поднесе претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
„Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, велат од Владата во изјава за МИА.
Претседателката Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, наведувајќи дека во изминатиот период, особено во последните месеци, од страна на одредени политичари од собраниска говорница се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници. Во неколку наврати, тој, како и политичари од сегашната власт, се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно. А, Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени“,рече, меѓу другото, Дамева во своето денешно излагање пред медиумите.
Судскиот совет попладнево одржа итна седница на која ја констатира неотповикливата оставка на Дамева, но не избра нејзин наследник, иако тоа беше предвидено со предложениот дневен ред.