За три месеци во дел од Индија не е родено женско дете


Ниту едно од 216 деца кои се родени во 132 села во Индија во последните три месеци не е женско, покажуваат најновите владини податоци. Поради тоа во северниот дел на Индија покрената е истрага за извршување абортуси со цел избор на полот на детето.

Властите во државата Утаракханд соопштија дека официјалните податоци се алармантни и постои сомневање за широко распространет женски фетицид, пишува британски „Индепендент“.

Индија со закон ги забрани абортусите за полова селекција уште во 1994 година, но таа пракса е вообичаена во земјата во која родителите традиционално машките деца ги сметаат за „глава на семејството“, а женските за „скапа обврска“.

Судијата Ашиш Чаухан смета дека стапката на женски родени деца била сомнителна и дека станува збор за женски фетицид.

– Ова е проблем на индиското општество и ние треба сериозно да размислиме и да преземеме конкретни чекори со цел жените на подобар начин да се гледаат во општеството, се наведува во извештајот на индиската Влада.