За Стопанската комора на северозападна Македонија санкциите кон Русија беа очекувани, кризата може да ги намали инвестициите


Ние сме полноправна членка на НАТО и токму поради тоа треба да се прилагодиме кон глобалните политики кои се во интерес на Алијансата, а кои целат кон мир и стабилност во светот, особено во земјите-членки. Имајќи ја предвид и нашата евроатлантска определеност, поддржувањето и воведувањето на санкциите кон Русија беше сосема очекувано, смета Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Според Комората, санкциите од македонска страна секако ќе влијаат врз трговската размена со Русија, а евентуалниот прекин на сите билатерални економски односи помеѓу двете земји, ќе ги доведе компаниите од нашата земја кои увезуваат или извезуваат во Русија во ситуација да бараат нови дестинации за пласман или алтернатива за снабдување со тие одредени производи кои доаѓаат од таму.

Како што вели извршниот директор на СКСЗМ, Дриљон Исени за МИА, сериозните последици за македонската економија, сепак, нема да дојдат директно од воведувањето на санкциите, туку од ефектите кои руско-украинскиот конфликт ќе ги има глобално, особено на ниво на земјите од Европа.

Најзагрижувачки, пак, е фактот, оценува Исени, што поради неизвесноста од безбедносен аспект, може да дојде до драстично намалување на домашните и странските инвестиции.

-Од економски аспект, секако дека конфликтот помеѓу Русија и Украина ќе сноси последици бидејќи тие се важна алка во синџирот на европската економија. Што се однесува до санкциите, тие секако ќе влијаат врз трговската размена помеѓу РСМ и Русија. Ние извезуваме во Русија само 57 милиони долари, а увезуваме од таму 176 милиони долари. Но, сепак, евентуалниот прекин на сите билатерални економски односи помеѓу двете земји ќе ги доведе компаниите од нашата земја кои увезуваат или извезуваат во Русија во ситуација во која ќе треба да бараат нови дестинации за пласман, или алтернатива за снабдување со тие одредени производи кои доаѓаат од таму. Иако звучи како нешто што се надминува, треба да се има предвид дека има многу логистички проблеми и предизвици преку кои компаниите треба да поминат во потрага по друг пазар за пласман на добрата, бидејќи тие ја имаат развиено нивната работа согласно тие логистички регулативи и трансформацијата е процес што освен временски, може да ги чини компаниите и големи финансиски загуби. Меѓутоа, сериозните последици нема да дојдат од директно воведувањето на санкциите, туку од ефектите кои овој конфликт ќе ги има глобално, а особено во ниво на земјите од Европа, дециден е Исени.

Тој потсетува дека Германија, како најголема европска економија, но истовремено и наш најголем трговски партнер, се потпира на Русија за дури повеќе од половина од нејзиниот гас.

-Во просек, 40 отсто од гасот во земјите од ЕУ доаѓа од Русија. Ние сме веќе влезени во една енергетска криза и се соочуваме со енормните компликации кои оваа криза ги донесе, а конфликтот може уште да ги продлабочи тие несакани ефекти. Продлабочувањето на економската криза во европските земји ќе се одрази и врз нашата економија, која, за жал, не е позната по својата самоодржливост, а ние ќе се соочиме со криза која доаѓа поради поскапени производи, нарушување на надворешна трговија со две земји како што се Украина и Русија. Но, најзагрижувачки е фактот што поради неизвесноста од безбедносен аспект, може да дојдеме до ситуација во која ќе се намалат драстично и домашните и странските инвестиции, предупредува извршниот директор на СКСЗМ, Исени во разговор за МИА.