За што му се суди на „злосторничкото здружување“ предводено од Хашим Тачи?


Вчера во Хаг започна судењето на поранешниот премиер на Косово и лидер на ОВЈ, Хашим Тачи, со тројца членови на Главниот штаб на кое тие се изјаснија за невини. Но, обвинителството во Хаг најави над 300 сведоци, порачувајќи дека е голема храброст што тие ќе проговорат за тортурите на суд. За што всушност ќе одговараат косовските лидери на кои треба да падне товарот на ослободителната војна во Косово и кои гледајќи ја целта, навлегле во злосторства против човештвото. Иако обвинението се однесува главно на злоставување на цивили, т.н. соработници на српскиот режим и политички опоненти, во него има многу случаи и многу детали за начинот на кој функционирала ОВК, за тепања, убиства и масовни гробници., при што се наведени и имиња на некои од жртвите,етнички Албанци, Срби и Роми.

Во обвинението буквално стои дека како дел од „заеднички злосторнички потфат“, четворицата функциопнери на ОВК извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото најмалку во периодот од март 1998 година до септември 1999 година и сносат кривична одговорност за 102 убиства убиствата, стотици затворања и присилното исчезнување на 20 други лица. Тие се обиделе да ја ограничат својата контрола над Косово „со средства што вклучуваат незаконско заплашување, малтретирање, извршување насилство врз и отстранување на оние што се сметаат за противници“.

Во него се наведува дека  тие имале „супериорна одговорност“ што ги прави соучесници во воени злосторства и злосторства против човештвото бидејќи биле свесни за прекршувањата, но не преземале дејствија за да спречат криминални дела или да ги казнат сторителите, или директно учествувале во злосторствата или давале наредби за нив. Притоа се открива дека телата на 12 жртви од етнички Срби биле пронајдени во масовна гробница во 2005 година.

Според обвинителството, околу 17 јули 1998 година, „група од 11 српски затвореници биле префрлени во соба во подрумот на зграда во Малишево/Малишево, каде што веќе биле задржани уште двајца српски затвореници“. Таму ги претепале. Обвинителството тврди дека на 19 јули „приведените биле ставени во комбе и однесени до блиската локација каде што биле застрелани и убиени од одредени членови на ОВК, а еден притвореник успеал да избега. Телата на другите 12 мажи беа извадени од масовната гробница во Малишево/Малишево.

Обвинението, исто така, тврди дека во јуни 1998 година, двајца  политички „противници“ биле „уапсени, испрашувани и во еден случај сериозно претепани“ од членови на здружениот злосторнички потфат и луѓе под нивна контрола во штабот на ОВК во Дреноц/Дреновац.

Тие потоа биле испратени во Генералниот штаб на ОВК од страна на Тачи и лично Весели, „со присутво и на Реџеп Селими“. Двајцата противници „никогаш повеќе не биле видени или не се слушнало за нив“, се вели во обвинението.

Обвинението ги дефинира противниците како луѓе кои ОВК ги сметаше дека соработуваат со српските сили или не ја поддржуваат ОВК, вклучително и дека се поврзани со политичката партија Демократска лига на Косово, како и „Срби, Роми и други етникуми “.

Понатаму се тврди дека на или околу 20 септември 1998 година, Тачи и Селими, заедно со други членови на здружениот злосторнички потфат и луѓе под нивна контрола, учествувале и предводеле апсење, приведување и заплашување на 13 членови на косовската парламентарна делегација кои биле во хуманитарна посета на Кирез/Цирез. Членовите на делегацијата биле „силно претепани и имале видливи повреди“ и беа замолени да се откажат од лидерот на Демократската лига на Косово, Ибрахим Ругова, од страна на Тачи и друг човек, Сабит Геци.

Според обвинението, во присуство на Тачи, Сабит Геци се заканувал дека „ќе убие член на делегацијата“, а потоа по нивното ослободување Тачи ја засилил заканата со тоа што на еден член на делегацијата му рекол дека „дури и да си слободен сега, можеме да те убиеме во Приштина“.

„Тоа се Албанци, Срби, Роми и Бошњаци, над 440 луѓе, обвинети за соработка. Тие се сослушувани, претепувани, физички и ментално малтретирани. Најмалку 102 жртви не го преживеале измачувањето. Тоа не биле изолирани инциденти. Злосторствата се вршеле систематски, на повеќе локации.Обвинетите раководеле и со префрлувањето на затворениците“, кажа обвинител на Хашкиот трибунал.

Тој прикажа фотографија од затвор во Јабланица, каде како што кажа, обвинетите имале пристап. Заточениците биле обвинети за шпијунажа и од тепање и отоци не можеле да одат, ни да мократ. Двајца од нив се обиделе да бегаат, лазејќи. Ги фатиле, ги дотепале. Починале во затворот.

„Во целиот период, не само за војната, туку и во демилитаризацијата летото 1999 година, четворицата обвинети се групирале во штабот и преку пониски команданти ги вршеле злосторствата. Сите четворица, на клучни позиции, зацртале цел за апсење и насилство врз цивили. Во соопштение сами кажале за нападите врз наводни колаборационисти и предавници, и за нивното погубување. Во нив пишуваше дека предавниците и соработниците на окупаторот, остануваат понатамошна цел“, читаше и вадеше цитати еден од обвинителите. Притоа покажа соопштение-слајд во кое стоеше дека се погубени противници, но и албански соработници, предавници. „А што правеле тие? Издавале информации на Србите? Не. Само ако се спротивставиш, ќе се најдеш на мета и ќе добиеш смрт“, порача обвинителот, додавајќи дека станувало збор за „ Албанци, политички фактори, кои ја критикувале тактиката на ОВК и нејзините цели“.

За двајца такви противници, членови на партијата на Ибрахим Ругова се ангажирал и тогашниот амбасадор во Македонија Кристофер Хил за да се ослободат, но едниот бил застрелан во глава. ЛДК била жигосана од штабот на ОВК дека води специјална војна против ОВК, дека се српски шпиони и слично бидејќи се залагала за мирно решавање на косовското прашање. 

Во јануари 1997 година, во соопштение се најавени погубувања ректорот на Универзитетот во Приштина, а во мај 1998 година за наводна соработка со Србите, односно со ЈНА и за активности против националните интереси, спред ОВК, убиени главно со стрелање, се многу цивили кои се залагале за политички пристап, а не за војна, соопшти обвинителот. Потоа, почна да ги реди на слајд локациите на Косово, каде биле затворани и мачени цивилите.

„Белешкава-слајд кажува дека во Дреновац биле затворени најмалку 38 такви цивили. Има доказ-список. 25 биле злоставувани, измачувани, по насоки на главниот штаб. Има белешки и за ‘сомнителна’ жена која имала дете со српски сообраќаен полицаец, натаму за луѓе ‘блиски со сомнителни соработници на сомнителните’…“, редеше факти еден од четворицата обвинители.

Главниот обвинител Алекс Вајтинг го обвини Тачи дека не ја кажува вистината во интервјуата за време на истражниот период и „негира многу за својата улога“. Правниот советник што ги застапува жртвите во случајот рече дека оние што настрадале како резултат на злосторствата на обвинетите потекнуваат од различно етничко потекло.

„Каква и да е разликата меѓу нив, тие се обединети во она што им се случи“, изјави пред судот бранителот на жртвите Сајмон Лоус. И обвинителството и бранителот на жртвите тврдеа дека во Косово владее клима на заплашување сведоци и дека жртвите кои соработуваат со судот се сметаат за „предавници“ од страна на дел од општеството.

Специјалниот суд за Косово беше формиран во 2015 година од косовскиот парламент, под притисок на западните сојузници на земјата, кои веруваат дека сопствениот правосуден систем на Косово не е доволно робустен да ги суди случаите на ОВК и да ги заштити сведоците од заплашување, откако претходните судења во југословенскиот трибунал за воени злосторства беа нарушена со манипулации со сведоци. Тој е многу непопуларен во Косово каде што се смета дека неправедно ги таргетира борците за слобода на косовските Албанци, а не српските извршители на поголемиот дел од воените злосторства извршени во 1998-99 година.