За седум месеци Скопје ќе добие нови 33 еколошки автобуси
Скопје ќе добие нови 33 еколошки автобуси со погон на гас кои ќе бидат дел од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
– Мојата заложба, заложбата на Град Скопје е креирање јавен транспорт кој ќе биде и економски ефикасен и кој нема да ја загадува животната средина. Денеска го потпишуваме договорот со еден од најреномираните светски производители на автобуси „МАН“ за набавка на новите автобуси кои ќе бидат во Скопје најдоцна за седум месеци од денот на потпишувањето на овој договор, рече Шилегов.
Набавени се 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со капацитет од 149 патници. Новите автобуси се енергетски ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел автобуси овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво што, како што рече Шилегов, дополнително ќе ги намали трошоците на работењето на ЈСП „Скопје“.
– Еден еко автобус заштедува до 25.000 евра годишно само за гориво. Најголемата предност е што емитуваат значително помалку СО2 или речиси воопшто не го загадуваат воздухот, посочи градоначалникот на Скопје.
Тој потсети дека пред седум години Град Скопје набави 202 двокатни кинески автобуси на дизел кои, како што рече, чинеа многу, а се со лош квалитет. Автобусите секојдневно се расипуваат, а ЈСП „Скопје“ има проблем со кинеските автобуси заради непостоење овластен застапник, и нема можност за нивно сервисирање и техничка поддршка.
Шилегов најави дека новите автобуси се квалитетни, со двојно поголем капацитет и најважно е што не загадуваат. Минатата година низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители, имаше три автобуси на гас и еден електричен. Шилегов додаде дека целта била да се стекнат искуства и најдобро да оцени кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во главниот град.