СДСМ е разочаран од „полтронскиот однос“ на Сиљановска спрема Мицкоски

Трајко Славески е партиски пион, тоа е погреб на Народна банка, вели опозициската партија. Сиљановска е претседателка само да исполнува партиски наредби, тврди СДСМ


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

СДСМ денеска излезе со првата голема критика на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по нејзиниот предлог Трајко Славески да биде следен гувернер на Народната банка.

СДСМ е „длабоко разочаран и од полтронскиот однос на претседателката Сиљановска. Нејзиното потклекнување пред барањата на Мицкоски е доказ дека ниту некогаш била независна, ниту пак во иднина ќе донесе независна одлука. Таа, како и сите претходни претседатели избрани од ВМРО-ДПМНЕ, е тука само за да исполнува партиски наредби. Имаше можност да застане зад сопствен избор, да промовира независна и стручна личност, но реши да ја наведне главата пред Мицкоски“, велат од партијата преку соопштение.

Понатаму, СДСМ остро ќе се спротивстави на изборот на поранешниот министер за финансии и сегашен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, за гувернер на Народната банка.

Партијата преку соопштение вели дека е „невиден преседан  да се дозволи класичен партиски пион да ја води оваа важна финансиска институција, каде што досега секогаш имало независни експерти на функцијата гувернер.

Трајко Славески е човекот за кој 9.000 денари минимална плата се ‘многу пари’. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за зголемувањена минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот кој, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата.

Славевски е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој беше близок соработник и на Никола Груевски, министер во неговата влада која ги понижуваше работниците и ги третираше како ефтина работна сила.

Како претседател на Советот на Град Скопје, ќе остане запаметен како лицето кое го уништи градот. Славески ги водеше битките на Мицкоски со Арсовска, откако им пропаднаа бизнис-зделките“, вели СДСМ.

Претседателката на државата синоќа конечно објави кого ќе предложи за гувернер.

„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка“, се вели во соопштението.

Притоа се додава дека при донесувањето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.

„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, беше додадено во соопштението до медиумите.

Со тоа  заврши неколкудневната „драма“ која што изби на релација претседател – премиер, околу предложувањето на кандидат за престижната функција. „Битката“ се водеше помеѓу актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески.

Трајко Славески во моментов е претседател на Советот на Град Скопје и е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој со години со мали прекини е дел од врвната раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ.