За СДСМ пресудата за „Космос“ е уште еден доказ дека „ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија“


Од уривањето на комплексот „Космос“

 

Владејачките социјалдемократи оценија дека денешната судска пресуда за предметот „ТНТ“ за одмазничкото уривање  на „Космос“ уште еднаш потврдила дека „ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија со тапија“.

Во соопштението на СДСМ се вели дека „на затворски казни се осудени веќе докажаните криминалци и повеќекратни осуденици, Никола Груевски и Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Пресуда по пресуда се потврдуваат сите индиции за сторени тешки криминали кои беа објавени преку проектот ‘Вистината за Македонија‚, се потврдија наводите дека Никола Груевски е инспираторот на најголем дел од кривичните дела, а Миле Јанакиески негов најревносен извршител“.

СДСМ вели дека Мицкоски до денес ниту го има осудено криминалот на ВМРО-ДПМНЕ ниту се извинил, туку со сета сила ги бранел криминалците во своите редови.  

„Мицкоски денес во белиот дворец е опкружен со луѓе од режимот, со личности против кои се водат судски процеси, а партијата му ја раководи Груевски од Будимпешта. ВМРО-ДПМНЕ денес е истата непроменета криминално–режимска партија која работи против интересите на граѓаните и државата“, вели СДСМ.