За СДСМ истрагата за Кочани е селективна и фокусирана на поранешни функционери


Изгорената дискотека во Кочани (Фото: Б. Грданоски)

СДСМ реагира на досегашната истрага околу пожарот во Кочани обвинувајќи дека таа е селективна и фокусирана само на поранешни функционери, иако и сегашните имаат одговорност за непостапувањата.

-Трагедијата во Кочани во која загубивме 59 млади животи и ја потресе целата држава повикува на неселективна, темелна и сеопфатна истрага која ќе го утврди целиот синџир на одговорност.
Секој за кој што ќе се утврди дека има одговорност – без разлика дали се работи за поранешен или актуелен функционер – мора да одговара пред лицето на правдата. Сепак, со загриженост гледаме на досегашниот тек на истрагата. Сите анализи упатуваат на впечаток дека досегашниот тек на истргата е селективна и насочена исклучиво кон поранешни функционери и службеници.Досега, ниту еден актуелен функционер не е опфатен, иако трагедијата се случи токму во време кога тие биле на одговорни позиции.Селективна правда не е правда. Зошто ниту еден актуелен функционер не е опфатен со истрагата за Кочани?

Според јавно достапните информации, двајца поранешни директори на ДПИ се опфатени со истрагата поради наводно непостапување. Но, логично се наметнува прашањето: зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски, не е дел од истрагата? Зарем не е должен да одговори за надлежностите на ДПИ и работата на инспекциските служби пред и во моментот на трагедијата?

Дополнително, зошто не се испитуваат одговорните лица кои биле на позиции од МВР, односно командирите, инспекторите и раководството на ОВР Кочани и СВР Штип, кои по закон биле обврзани да го обезбедат настанот? Како е можно да се игнорираат оние кои вечерта биле на дежурство, на позиција и со законска обврска да дејствуваат – но не го сториле тоа?

Нема одговори на прашањата дали е точно дека сите седум приведени вработени во МВР не биле на функции во ноќта на трагедијата?Овие прашања се легитимни и надлежните институции – Јавното обвинителство и МВР не смеат да молчат. Вистинска правда не може да има без целосна и неселективна истрага, порачуваат до СДСМ.

Наспроти тоа, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов во вчерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 тврдеше дека  вакви несреќи не се први во државата, но дека оваа е прва за која има енергична и  одговорна реакција од Владата.

-Уште во првите 48 часа сите лица беа обезбедни, имаме над 40 приведени, имаме 24 лица во притвор, се врши инспекција и се одземени 479 лиценци за работа на разни фирми кои работат во делот на проектирањето, изградбата итн.

-Јас уверувам и апелирам до сите граѓани, а особено до младите луѓе, бидејќи нас како млади оваа трагедија најмногу не стресе, да имаат верба во државата, да имаат верба во институциите, институциите работат ревносно. Нема да има човек кој за оваа несреќа нема да биде одговорен, изјави Попов.

Попов испрати порака до младите дека ќе има правда, а институциите и сите засегнати ќе ја обезбедат истата.

-Ќе упатам еден апел, иако го гледам тоа од страна на институциите дека ревносно се борат, сите кривци кои не донесоа до ова да ни загинат 59 млади луѓе, и секако дека овде не смее да се застане. Јас ќе повторам дека ми е многу жал што мораше да се случи една ваква трагедија, за едно општество да се освести и стане. Но, ми е многу жал што сме имале вакви трагедии, а никој не реагирал. Се сеќаваме за минатите трагедии како се завршуваше, гледаме сега еден друг пристап, поодговорен пристап, и апелирам на смиреност кај граѓаните. Го разбирам комплетно нивниот револт, нивниот порив да се солидаризираат, да бидат заедно, заедно да бараат правда, и заедно едноставно да се осигурат дека правдата ќе дојде. И јас целосно како млад човек стојам позади тоа и како припадник моментален на ВМРО-ДПМНЕ, ги уверувам младите луѓе дека Владата, институциите, сите засегнати, прават се што е во нивна моќ како никогаш досега, да ги најдеме вистинските виновници, и за ова, и за се што ни се случувало изминатите периоди, рече Попов.