За првите 100 дена од војната Русија заработи 93 милијарди евра од извозот на горива

Во првите 100 дена од војната во Украина, Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилни горива, се наведува во извештајот на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА), кој го пренесува „Гардијан“.
Како што се наведува, најголем дел од тој енергенс бил испратен во Европската унија и по просечна извозна цена за околу 60 отсто повисока од лани.
Извештајот на ЦРЕА со седиште во Финска покажа дека ЕУ преземала 61 отсто од рускиот извоз на фосилни горива во текот на првите 100 дена од војната, во вредност од околу 57 милијарди евра.
Најголеми увозници биле Кина со 12,6 милијарди евра, Германија (12,1 милијарди) и Италија (7,8 милијарди).
Приходите на Русија од фосилните горива доаѓаат прво од продажбата на сурова нафта (46 милијарди), а потоа следат гасот од гасоводот, нафтените деривати, течниот природен гас (ЛНГ) и јагленот.
Иако рускиот извоз опадна во мај, а земјите и компаниите избегнуваа испораки поради инвазијата на Украина, глобалниот раст на цените на фосилните горива продолжи да ја полни касата на Кремљ.
Некои земји ги зголемија купувањата од Москва, вклучувајќи ги Кина, Индија, Обединетите Арапски Емирати и Франција, се додава во извештајот.