За приредбата со униформи на УЧК и пластички пушки одговорност ќе понесе една од наставничките
Извештајот за надзорот е готов. Просветните инспектори утврдиле неправилности и одговорност ќе поднесе една од наставничките која била организатор на приредбата. За тоа ќе информиран и директорот и градоначалникот на општината за да постапат по закон, кажа денеска министерката за образование, Весна Јаневска за приредбата со децата во основното училиште во Челопек кои носеа униформи на УЧК и пластични пушки. Настанот беше дел од прославата од Денот на албанското знаме – 28 ноември.
Министерката информира дека во другите училишта каде што имало пријави за слични немили настани, не биле утврдени нерегуларности.
-И во уште неколку други училишта каде што имало пријава за нерегулаторности, иако не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе биде спроведена обука за соживот, мултикултурализам и мултиетничност и за тоа ќе се бара поддршка и од ОБСЕ, кажа предводничката на ресорот образование.
Од МОН претходно информираа дека дополнително добиле пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга.
Од ДУИ овој настан го изедначија со приредба која лани се случила во една градинка во Аеродром, во која деца биле облечени како Комити. Ја обвинија министерката дека ги навредила Албанците во земјава и обид да се избрише сеќавањето и жртвите на албанскиот народ.
Јаневска пред два дена посочи дека воспитувачката од градинката од Аеродром, која ја организирала таа приредба, била отпуштена работа и сѐ уште е на суд, но и дека „Комитите се дел од историјата на државата Македонија“ и како тема се застапени во наставните програми.