За пет месеци Клиниката за гинекологија ќе добие нов лик


Од денеска почна комплетното реновирање и реконструкција на амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети на Клинички центар „Мајка Тереза“ ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство во Скопје. Реконструкцијата е во износ од 29 милиони денари со што, се очекува, да се создадат услови за поефикасна дијагностика и лекување на пациентите.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска Папестиев истакна дека со оваа инвестиција ќе бидат реконструирани и реновирани платото пред самата Клиника, чекалните, амбулантата, лабораториите и специјалистичките кабинети, со цел, како што рече, пациентите да добијат побезбеден пристап до Клиниката, како и поефикасна и поквалитетна дијагностика и третман.

-Со цел унапредување на здравствените услуги, како и подобрување на здравствената заштита на жените во нашата држава најавуваме значајна инвестиција на Клиниката за гинекологија и акушерство. На нашата Клиника има голема фреквенција. Најголемо родилиште со околу четири илјади породувања, операции минимални до сложени гинеколошки кои се околу пет илјади и 73 илјади специјалистички и супспецијалистички  прегледи. Целата оваа фреквенција, како и неводењето грижа за одржување најавува потреба од една инвестиција од 29 милиони денари, со која што ќе биде реализирана до крајот на оваа година, соопшти директорката на Гинекологија. 

Алексиоска Папестиев информира дека за пружење поквалитетна заштита на жената овозможиле кратење на листата на чекање преку набавувањето опрема на минимална инвазивна хирургија во вредност од 32 милиони денари, која, како што посочи, овозможува побрзо пациентката да ја испуштиме дома и на тој начин да се намали листата на чекање кај овие пациенти.

Директорката најави дека работат на инвестирање и правење на современ модерен ин витро центар.

-Клиниката за гинекологија и акушерство секогаш ги воведувала најновите современи техники и дијагностички и терапевтски, па така уште во 2000 година првото ин витро е направено кај нас и првото бебе од ин витро е родено во 2000 година на Клиниката за гинекологија и акушерство. За жал, четири години немаше направено ин витро на нашата клиника, меѓутоа од ноември 2024 година е почнато повторно да се работи со тоа што во програмата на Владата и Министерството за здравство се одобрени 27 милиони денари за осовремување на застарената опрема која што веќе 15 години не е обновена и почна да се прави ин витрото и се надевам дека по завршување на овој проект ќе можеме да ги следиме светските трендови а тоа е исклучително важно за држава како нашата каде што наталитетот за жал на сите ни е јасно дека е во паѓање, рече Алексиоска Папестиев. 

Премиерот Христијан Мицкоски упати благодарност до персоналот, докторите, медицинскиот персонал, сите кои што се дел од јавното здравство, кои се дел од оваа клиника, кои, како што рече, имајќи ги предвид условите во кои што работат – даваат натчовечки напори да направат нешто повеќе и за граѓаните, но и за самото јавно здравство.

-Ние како Влада, ќе продолжиме и понатаму да инвестираме и да помагаме, се разбира, колку што можеме. Оваа година буџетот на Фондот, ако се спореди со оној буџет да речеме ковид годината 2020, 2021 е за некои 18 милијарди денари повисок, тоа е околу 300 милиони евра, што е значителна сума. Дали е доволно? Никогаш не е доволно. Но ако имате близу 900 милиони евра буџет, тогаш тоа е нешто што е значајно, бидејќи 53 милијарди денари е буџетот. Знаете дека се зголемија платите и за медицинскиот персонал и за техничкиот медицински персонал, за докторите. Така и ќе продолжиме, имаме една динамика која што е утврдена, рече тој.

Потенцира дека дел од проектот, кој што ќе биде спроведен заедно со Владата на Обединетото Кралство, ќе биде токму фокусиран на здравството, и кој што очекува доколку условите се поволни да кулминира со изградба на Клинички центар во Скопје.

-Така што една јасна стратегија, дефинирани цели каде треба да стигнеме, силна поддршка од Владата за јавното здравство, затоа што тоа е во интерес на граѓаните. И уште еднаш на крај, да се заблагодарам на сите оние што се дел од јавното здравство- за тоа што прават за граѓаните, рече Мицкоски.