За основците има учебници освен за странски јазици, за средношколците пак само за 15 предмети
За подготовките и новините во учебната 2024-2025 година денеска прес-конференција одржа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која рече дека во овие два месеци од нејзиното назначување на функцијата, заедно со вработените во министерството, како и со другите надлежни институции успеале да го подигнат девастираниот образовен систем од претходното лошо менаџирање.
„За прв пат по седум години, учебната година започнува со учебници. Ова беше еден од приоритетите на моето работење и можам да кажам дека дадениот збор е успешно исполнет. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“, рече Јаневска.
Таа потсети обезбедени се учебници и наставни материјали за бројни предмети за кои досега немаше.
„По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, како и за предметите историја и географија за седмо одделение обезбедивме печатени материјали на сите пет наставни јазици, со оглед на тоа што немаше одобрени учебници. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник“, нагласи министерката.
Единствено во основното образование ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која сè уште трае. Најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.
„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката за образование и наука.