За Обвинителството некредибилни се тврдењата дека заѕиданите пари се на родителите, а не на Ристов


Тврдењето на родителите  судијата Ѓоко Ристов, дека парите што беа најдени соѕидани во куќата не биле негови туку на родителите, и тоа не од нечесни активности , туку од земјоделие – не е уверлива за истражителите во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

На денешниот брифинг со новинарите обвинителката Искра Хаџивасилева откри повеќе детали околу истрагата,  вклучувајќи го и тоа – имало ли дојава каде се сокриени парите и дали се откриени сите или има уште повеќе. Според она што го изнесе обвинителката,  овие 350.000 евра спакувани во банкноти од 500 и 200 евра не била пронајдени веднаш, туку при вториот обид. При првичните претреси на три локации, истражителите налетале само на празен бетонски бункер, но вториот пат, истрагата била попрецизна. Иако родителите негирале дека реновирале, полицијата забележала вреќа со цемент.

„Истражителите забележале различни плочки кои биле искршени. При мало кршење се појави дупка, дупката се прошири на десно, почнаа да паѓаат пари“, сликовито објасни обвинителната Хаџивасилева.

Истрагата започнала пред девет месеци , по првични индиции од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), но и од сведоци кои пријавувале дека судијата им барал мито. Клучно  било  формирање на предметот е поврзан со случајот „Синџир“ и апсењето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Сомнежот кај обвинителите се јавил кога Љупчо Пецов – Ѓаволот, осомничен во „Синџир“, добил поблаги мерки.

„Контурите се исцртаа со истрагата против Љупчо Пецов-Ѓаволот, од предметот Синџир. Не било возможно да не влезе ни ден во притвор, туку одма да добие куќен притвор“, посочи обвинителката. Според неа, ниту судијата Ристов, ниту правобранителот Стафа не биле следени со Посебни истражни мерки (ПИМ) и не биле прислушувани  туку случајот го граделе врз база на материјални докази и сведочења.

„При првиот обид не беше пронајдено ништо. Во таква ситуација малку се разочарувате. Со макотрпна работа, отидовме поспремни, со техничка опрема. Ќе стане сомнително кога ќе најдете нешто, ќе забележите цемент кој е потазе од другите, а претходно кога сте прашале дали правеле нешто ново дома ви рекле – ’не, не сме правеле‘. Но, не се само цементот, различно залепената плочка и другите што се поткршиле кога се правел бункерот во ѕид во кујната“, ја опиша сцената на истрагата обвинителката Хаџивасилевска. 

Судијата Ристов е осомничен за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“. Од вчера тој е во куќен притвор, а обвинителството го гони бидејќи смета дека нема поткрепа за тоа како се стекнати парите. МВР со кривичната пријава го товари Ристов дека откако бил избран за судија во Апелацискиот суд Скопје на почетокот на 2020 до денес, дал лажни податоци за својот и имотот на неговото семејство кој, според полицијата, „во големи размери ги надминува неговите законски приходи“. Според Хаџивасилевска,  квалификацијата „перење пари“ во овој случај не се однесува на класично пуштање во промет на нелегални средства, туку на делот од Кривичниот законик кој опфаќа „криење пари“, одредба која во праксата поретко се применува. Настрана од тоа што биле сокриени, Ристов бил обврзан, дури и да се легално заработени пари на неговите родители, да ги пријави во анкетниот лист во ДКСК.

Откривањето на овој комплексен случај во ОЈО ГОКК се надеваат дека ќе биде охрабрување да се пријават и други случаи со висока корупција.

„Сакаме да ги охрабриме луѓето да пријавуваат. Кога е кредибилна пријавата, да видат дека ние ќе постапуваме и дека никој нема да биде заштитен“, дополни на брифингот шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Тој практиќчно навести подготвеност да се откријат сите што се дел од правосудниот систем а учествуваат во вакви коруптивни шеми.

Фехми Стафа, кој е поранешен државен правобранител на Северна Македонија во периодот од август 2018 до август 2022, повеќе од еден месец е во притвор откако прв се најде на листата осомничени бидејќи, според обвинителите, примил 50.000 евра од осомничено лице за да посредува и „да го искористи своето реално влијание и да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје“. Тој барал вкупно 100.000 евра, а половина од оваа сума според тврдењата од истрагата му биле исплатени.Обвинетото лице од кое се барале парите е Љупчо Пецов – Ѓаволот, опфатен во предметот „Синџир“. Во овој предмет опфатени се над триесетина физички и правни лица, а сè се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. Во моментов Пецов се наоѓа во куќен притвор.

„Има и други сведочења, ќе видиме што ќе донесе и натаму истрагата“, посочи обвинителката.

Сепак, обвинителстите не можеа да потврдат дали и од кои конкретни предмети судијата Ристов собрал како награда 350.000 евра, што беа најдени во домот во Неготино и дали има и други сокриени.

„Тешко е да обезбедите директен доказ особено за поткупите. Секогаш има посредници, многу обрачи на заштита на примачот“, посочува Хаџивасилева.

Она што е јасно за ОЈО ГОКК, е дека парите се непријавени и, како што тврдат, судијата не можел да ги стекне со својата редовна плата.