За новата влада приоритет треба да е економијата, порачуваат коморите
Ликвидноста на повеќето од компаниите и на стопанството во целина е на дно и затоа владата ќе треба да продолжи со субвенционирање на платите, како и да се овозможат кредити со минимална камата од банките, порачуваат од Стопанската комора на северозападна Македонија
Економијата и решавање на горливите проблеми во стопанството треба да бидат приоритет на новата влада, порачуваат од асоцијациите на стопанствениците. Тие укажуваат на наталожените проблеми во реалниот сектор, како кај големите компании, а уште повеќе кај малите бизниси, особено кај оние стопански гранки кои беа со месеци затворени поради корона кризата. Но, проблемите се и поради долгиот период на функционирање на државата во специфични околности, со техничка влада, без парламент, што дополнително го отежнуваше донесувањето неопходни и ефикасни мерки за справување со последиците од КОВИД-19.
„Новата влада во овој мандат треба економијата да ја третира со приоритет бидејќи економијата претрпе големи штети од пандемијата, поради која се намали реализацијата на буџетските приходи дури до минус 24,4 отсто, принудно затворање на компании од разни сектори, драстично намалување на ремитенциите итн“, велат од Стопанската комора на северозападна Македонија за Независен.
Од таму нагласуваат дека имајќи го ова во предвид, владата треба да се фокусира во санирање на овие штети, а паралелно да се работи на рестартирање на економијата со стратегија која ќе доведе до стабилен раст и развој на економијата.
„Меѓутоа, ликвидноста на повеќето од компаниите во земјата и стопанството во целост е на дно, и затоа владата ќе треба да продолжи со субвенционирање на платите, да се овозможат кредити со минимална каматна стапка од страна на комерцијалните банки. Поради неизвесноста на епилогот на пандемијата, владата исто така треба да излезе со стратегија со која ќе привлече директни странски инвестиции, а паралелно да го стимулира домашното стопанство, бидејќи од настанатата ситуација ризикуваме да ја оштетиме економијата толку што ќе ни бидат потребни многу години додека да закрепне“, велат од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Претходно, на прашањето на Независен кои приоритет треба да ги има во предвид идната влада, од Сојузот на стопански комори посочија дека очекуваат од новиот економскиот тим на Владата како приоритет во активностите да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци.
„Состојбата во која се наоѓаат претпријатијата е незавидна, имајќи предвид дека последната помош која што ја имаа за зачувување на работните места заврши заклучно со месец јуни. Веќе втор месец нема никаква помош и поддршка за зачувување на работните места, а уште поголем проблем којшто се јавува и за кој алармиравме се големите потешкотии на оние кои работат во реалната економија во делот на одржување на ликвидноста. Токму затоа, приоритет треба да биде одржување на ликвидноста за сервисирање на основните трошоци и плати, како понатаму би можело да се работи на фаза на опоравување. Очекуваме соработка со деловната заедница и максимална посветеност за да не дозволи македонската економијата да стагнира и уште подлабоко да завлезе во рецесија“, изјави за Независен претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.
За утре во Собранието е најавен изборот на новата влада, за што до законодавниот дом веќе е доставена предлог програмата за работа на владата. Денес, мандатарот Зоран Заев, при посетата на Македонска Каменица на одбележувањето на Денот на рударите, истакна дека меѓу првите мерки кои ќе се разгледаат уште на првата седница ќе биде донесувањето економски мерки за помагање на граѓаните.
„Веќе ги направивме и буџетските анализи и состојби. Следниот пакет мерки ќе ги развиеме во разговор со синдикатите, работниците и коморите, се со цел да им помогнеме на граѓаните и кризата да ја искористиме како нова можност, така што очекуваме да ги вратиме стабилните четири проценти раст“, рече меѓу другото Заев. (М.Ј.)