За новата книга „Тетовскиот говор“ тетовци со резервации кај авторот Дарко Гавровски


Дарко Гавроски авторот на книгата „Тетовскиот говор-енциклопедиски речник и граматика на тетовскиот градски говор со етнолошки и историски осврти“ која во јануари излезе од печат поради големиот интерес направи листа со резервации па заинтересираните да добијат примерок кога ќе се испечати новиот тираж. Запишувањето на „стари лафој“ (зборови) кое започнало во 80-тите години на минатиот век во две тетратки од страна на неговиот татко Трпко во 2021 резултира со издавањето на енциклопедиски речник со речиси 9200 зборови кои се објаснети и од етимолошки, етнолошки, граматички и историски аспект.

-Тетовскиот градски говор е пред страшно изумирање. Голем дел стари тетовчани се иселени и се иселуваат од градот во други градови и земји. Типичниот говор се менува поради влијание на литературниот јазик и говорите од селата и другите градови. Во книгата ќе најдете голем број зборови кои веќе сигурно нема да ги чуете на улица. Се поретко може да се сретне низ Тетово познатите „таќе, ваќе, руќе, ноѓе“. Туку селските варијанти- „таке, ваке, руке, ноге„. Затоа мислам дека ова е и последен обид да се зачува овој говор. Јас ова го правам како долг за сите мои предци што не го изневериле Тетово, го сакам градот поради тајните на градот кои уште ги кријат во градските сокачиња зад капиџиците на старите куќи. Мое Тетоо е најубоо на свет, вели Дарко за целта на ова дело.

Градскиот говор во Тетово има свои одредени специфики по кои е препознатлив и кои се објаснети во богатато енциклопедиско издание на 647 страници.

-Нашиот говор тетовски градски говор има повеќе карактеристики. Постои веларно Л или омекнување на буквата Л кон У (вол-воу, сол-соу). Потоа има палатализација на буквата К кон Ќ со примерите кисело-ќисело, така-таќе, вака-ваќе. Исто така и редукција на буквата А, која во многу зборови не се слуша како чисто А. Воедно постојат голем број архаизми и турцизми кои генерациите по нас ретко ќе ги знаат затоа што се поретко се употребуваа, објаснува авторот.

До 1995 година зборовите кои ги слушале низ градот во неговото семејство биле запишувани во тетратки, а потоа Дарко ги става во компјутер и почнува да ја создава публикацијата. Голем број од зборовите не можеле да се најдат во литература, па Гавроски во овие над 25 години има интервјуирано стотици соговорници информатори кои му дале информации и објаснувања за зборовите.

-Не се каам за потрошените години за работа на книгата. Саатите во кои наместо да се гушкам со син ми, ги дадов за Тетово сега се вреднувани од големиот интерес на тетовачани кои сакаат да ја имаат и читаат оваа книга. Вреди, исто така, ако со трудов сум го разубавил денот и сум стоплил барем едно срце, вели тетовчанецот.

Оваа книга е создадена токму да остави белег и да не остави во заборав како функционирал еден град и како зборувале луѓето. Стариот говор го зборуваат претежно родените пред 1960 година, нашите дедовци и баби. Дијалектологијата е најголемо богатсво на еден јазик и треба да ја чуваме и негуваме, потенцира Гавро како што е познат кај тетовци.

Тој вели, а потврдуваат и тетовци на социјалните мрежи, дека има огромен интерес за оваа книга. Многумина кои ја набавиле книгата пишуваат во групата „Го Љубим Тетоо“ дека на овој начин се потсетиле на детството читајќи ги зборовите кои дедовците и бабите ги искажувале. Оние од дијаспората велат дека со „Тетовскиот говор“ оствариле трајна врска со родниот крај која на овој начин нема да дозволи да згасне познавањето на препознатливиот тетовски дијалект.

– Тетово и тетовчани се покажаа како вистински љубители на пишаниот збор и горди поддржувачи на своето минато.Во Македонија каде книги најчесто се печатат во вкупен тираж од 200 (од кои 100 биле за подарок на пријатели), досега ретко имало ваква продажба на книга. Особено не за книга со цена од 1200 денари, но вредност многу поголема. Првиот тираж од 500 примероци се продаде за 20 дена во јануари. Сега во печатница во Тетово договорив уште 1000 примероци од истиот тираж и печат, од кои 350 се веќе пишани како резервација. Чекаат да се испечати па да ја добијат. Затоа со гордост можам да кажам дека е најпродавана тетовска книга на сите времиња, ни вели Гавровски.

Од историските податоци во книгата пишува дека првиот научен напис за граматиката на тетовскиот говор датира од 1894 година од бугарски автор Силјанов. Бележи дека прва пишана песна на тетовски дијалект е „За куќна слава“ во 1852 година од Јеромонах Арсение, ученик на Кирил Пејчиновиќ. Во 1938 година прв весник кој пишува на тетовски говор е „Општински удар“ од Боро Јосифовски. Каков прв звучен запис на тетовски дијалект е познатата песна „Благуњо дејче Пожаранче“. Користена е голема библиографија од над 600 извори-книги, списанија, пишани документи, интервјуа.

Ова е втора книга на Гавровски за Тетово. Првата е издадена во 2009 година и наречена „Тетовски древности-Полог од Праисторијата до 7.век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај“. Тој е автор и на „Ја го љубим Тетоо“ на тетовски дијалект, што се смета за неформална химна на градот.