За Нова година Старата чаршија во Битола излезе од летаргија

Новогодишниот базар ги наполни тесните улички. Најмногу се продава здрава храна од домашно производство


Покрај Драгор и дуќаните во Старата чаршија се распослани тезги

 

БИТОЛА – Живна и Старата битолска чаршија со новогодишната програма на Општина Битола насловена како „Зимска приказна“.Битолчани, но и граѓаните од околните општини, пред сѐ Демир Хисар, Прилеп и Ресен, како и гости од Лерин,  дојдоа на пазарување и забава на новогодишниот базар поставен покрај реката Драгор во уличката накитена со ѕвездено небо.

Така посетителите од вчера, па сѐ до петок, последниот пазарен ден за оваа година, имаат можност да дегустираат и да пазарат за новогодишните и божикните празници од највкусните кашкавали, сирења, сувомесни производи по домашни рецепти, да купат мед и пчелини производи со потврден квалитет од битолскиот и потпелистерскиот регион и да уживаат во добро вино од нашето поднебје. На базарот може да се купат и производи за лична хигиена направени по стари рецепти без додатоци на хемикалии.

На новогодишниот базар се пазари со звуците на староградска музика, чии изведувачи се познати битолски бендови, а пазарџиите може и да се одмораат од пазарувањето покрај реката Драгор и да уживаат во убавото и топло време, невообичаено за овој период од годината.  

„Многу  е убаво, поминавме и си рековме да видиме што се случува. Со еден збор ова е градска Битола“, коментираат посетители.

Дедо Мраз во добро расположение
Домашно произведен кашкавал за пробирливите купци
Расположени лица покрај тезгите

Членовите на „Слоу фуд Битола“ во повеќе наврати организираат базари во Битола и ги промовираат своите производи како фармери, кои сами ги произведуваат суровините па се до  крајниот производ.

„Ова е амбиентален простор, пешачка зона и вистинско место за продажба, потрошувачите доаѓаат и ако е криза сепак на здрава и добра храна никој не штеди. Нашата филозофија е домашно производство со ограничени количини да се продаде како квалитет. Граѓаните сѐ повеќе ја прават разликата меѓу домашна и индустриска храна, и затоа нашите производи доаѓаат на цена“, вели Игор Поповски од „Слоу фуд Битола“.

Сепак, центарот на новогодишната забава и ова зима е покрај Офицерскиот дом во Битола, каде секој ден има бројни посетители на музичките и театарските претстави. Едноставно кажано, во овие предновогодишни денови во Битола се пие греано вино и се слуша добра музика во добро друштво. (А.Б.)