За наградата „Горан Стефановски“ ќе нема услов за возраста на кандидатот, одлуката треба да ја потврди УО на Драмски
Во новиот конкурс за драмски текст од македонски автор за наградата „Горан Стефановски“ Драмски театар Скопје ќе го отстрани условот кандидатот што ќе се пријави да е на возраст до 30 години.
Во минатите две години наградата наменета за млади автори не беше доделена поради недоволни квалитети на пријавените текстови.
Директорот Роберт Вељановски денеска на прес-конференција рече дека Уметничкиот совет на театарот се согласил, а тоа треба да го потврди и Управниот одбор, старосната граница односно возраст до 30 години на авторот да не биде критериум зашто смета дека тоа веројатно е главна причина за недоделувањето во минатите две години.
-Веројатно главната пречка беше старосната граница којашто ограничуваше до 30 години. Тоа потекна од идејата дека Горан Стефановски своите најдобри драмски текстови ги има напишано до својата 28. година. Но, не се сите Горан Стефановски. И не може да очекуваме дека секој автор ќе биде Горан Стефановски. Веројатно ќе се роди некој нов Горан Стефановски, којшто ќе може да конкурира за наградата „Горан Стефановски“, но мислам дека по две години недоделување поради немање доволно квалитет во драмските текстови коишто беа понудени, мора да пресечеме и да донесеме одлука да ја тргнеме таа старосна граница, рече Вељановски.
По конкурсот, кој лани беше објавен во февруари, ДТС го соопштува добитникот на наградата на 27 април – денот на раѓањето на драмскиот писател Горан Стефановски (1952 – 2018).