За Мицкоски е неетичко откривањето на имињата на компаниите што тој ги понудил


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва го оцени како неетичко откривањето на имињата на компаните кој тој ги предложил на Владата за полесно соочување со последиците од енергетската криза. 

„Ценам дека тој кој ги споменува имињата на фирмите нема авторизација да ги споменува имињата на контактите и постапил неетички, но имам намера да ја кажам вистината. Вистината е дека компанијата која е позиција поврзана за снабдување со гас на Македонија и нејзини претставници присуствуваа на средба со претставници од Македонија, од Владата, поранешно ЕЛЕМ, денес ЕСМ и на таа средба била  понудена цена која е најмалку два пати помала од таа по која што купуваше АД ЕСМ за месец октомври“, рече Мицкоски за Македонската телевизија прашан за тоа кои контакти ги понудил со цел снабдување на енергенси за да тече грејната сезона.

Како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, „според Мицкоски во Европа тоа е предмет на еден договор кој го потпишуваат компаниите кои се занимаваат со тоа. Оттука АД ЕСМ до компанијата испратила договор до компанијата за да може потоа да се потпише од АД ЕСМ“.

„Тоа го направила компанијата денеска и договорот е доставен до АД ЕСМ. Го повикувам АД ЕСМ да го среди тоа и да им заштеди на граѓаните неколку стотици милиони евра“, рече Мицкоски.

Што се однесува до позицијата со мазутот, тој тврди дека состанокот се одржал на 9 октомври во Министерството за економија, и на него присуствувале претставници на власта, претставник на компанијата која сега снабдува со мазут и „ги контактирал тие кои се позиција и од нив побарал понуда за 150 илјади тони мазут“.

„Цената која ја добиле, бидејќи добив авторизација можам да ја кажам, е цена берзанска минус 40 евра по тон, што би значело заштеда од најмалку 80-90 евра по тон од таа што државата ја плаќа“, вели Мицкоски. Според него, официјалната понуда ќе ја добијат утре. 

На Владата е, додаде Мицкоски, дали ќе ги искористат контактите кои ги обезбедив за снабдување на драстично поевтини енергенси или ќе продолжат да крадат.

Инаку, владини извори брифираа дека до денеска од компаниите кои што ги посочил Мицкоски како негови контакти кои што можат да помогнат во пребродување на енергетската криза, односно за снабдување на природен гас и мазут, нема никаков одговор. Во изминатиот период бил остварен контакт со посочените фирми, но ниту во Министерството за економија, ниту во Електростопанство на Северна Македонија, немаат добиено било каква конкретна понуда.

Притоа, тие открија и името на компанијата која Мицкоски ја посочил за снабдување природен гас за земјава. Како што се дознава , станува збор за фирмата ПГО, која била регистрирана во Швајцарија. На состанокот што се одржал во Белград од македонска страна биле министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и советникот за енергетика во Владата, Васко Андонов. Од страна на ПГО присуствувале двајца претставници, едниот државјанин на Србија, а другиот на Босна и Херцеговина, коишто имале фирма регистрирано во Швајцарија и информирале дека може да се обидат да обезбедат руски гас.

 

Повеќе на темата: 

Ништо од компаниите на Мицкоски, досега не доставиле понуда ниту за гас, ниту за мазут