За Мицкоски интервјуто на Заев за БГНЕС е скандалозно
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на вонредна прес-конференција искажа загриженост од наводите во последното интервју на премиерот Зоран Заев за еден бугарски медиум, потенцирајќи дека тоа што тој го кажал може да го начне македонскиот идентитет.
– Ги предупредувам во Владата на Заев да не си играат и да го начнуваат македонскиот идентитет, бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и македонската нација, не само тука во Македонија, туку каде било во светот. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои што се пред нас, внимателно и будно заеднички со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако на каков било начин го навреди македонскиот идентитет да реагираме и да го спречиме. Јас ќе бидам прв во таа борба, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека загриженоста ја темели врз основа на тоа што Заев во интервјуто кажал оти Владата прифаќа анекс на Договорот за добрососедство, кажува дека овде постоела бугарска администрација, а ова интервју, според Мицкоски, може да се толкува и како прв чекор од откажување од македонското малцинство во Бугарија.
– Во едно мое интервју предупредив дека покрај Договорот за добрососедство постои барање од страна на бугарските власти за потпишување на нов договор или анекс на тој договор, со кој ќе се допрецизираат барањата или да бидам попрецизен уцените и сервилниот однос на Заев кон нашиот источен сосед. Па оттука можам да кажам дека како поминуваа деновите оние први бледи критики и обвинувања од страна на Зоран Заев, Бујар Османи, Димитров и останатите кон мене, дека таков договор или анекс на договор не постои, излегоа дека се една обична шарена лага. Нивниот сервилен однос на сметка на достоинството на македонскиот народ, достоинството на македонската нација нема граница, па тие денеска прифаќаат еден таков анекс кон тој договор, кој што Зоран Заев во ова интервју го потврди, рече Мицкоски.
Заев во ова, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, „скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство“.
– Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија е загрижен, како што кажа, и затоа што ова интервју може да се толкува и како „прв чекор кон откажување на македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа кај нашиот источен сосед“.
– А со тоа и поништување, брутално кинење на сите пресуди кои што меѓународни судови до сега ги имаат изречено, како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува, рече Мицкоски.
Тој упати и сериозна загриженост, за како што наведе, една тенденција за менување на карактер и улогата на македонските херои, што е упад и фалсификат на македонската историја.
Мицковски рече дека „алармира сега за да не биде предоцна“ и за да не се случи уште едно огромно големо разочарување. Тој го повика, како што рече, македонскиот народ во земјата и надвор од неа, будно да го следат овој процес на преговори со Бугарија.
– Со внимание го ислушав интервјуто за бугарски медиум, кое очигледно претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност, каде што Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани, рече Мицкоски.