За Мицкоски целата работа со Мијалков била циркус
Откако вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ултимативно им даде 24 часа на Зоран Заев и Оливер Спасовски да го пронајдат бегалецот Сашо Мијалков, денеска кога поранешниот директор на УБК се пријави во обвинителството, лидерот на партијата Христијан Мицкоски ја нарече циркус целата работа со „обезбедувањето на бегалецот од правдата“.
„Направија циркус од државата. Заев доста е. Доста е со навреди на интелигенцијата на народот. Си играат мајтап, додека мафијата царува. Денеска стана совршено јасно на секој граѓанин во Македонија дека имаат договор. Прво се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шлаканица за полицијата, судот, Обвинителството, со шлаканица за власта, вечерва недостасуваше уште да му се извинат, бидејќи тој им се извини ним. Тој е најдобра потврда дека постои криминална коалиција Зоран-Вице и Сашо. Само жестока јавна реакција спречи целосно фијаско и бегство“, рече Мицкоски.
Според него, конечна правда ќе имало кога двајцата ќе биле во затвор.