За Мицкоски Ахмети е само „граѓанин“


Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сè уште не го добил писмото што денеска до него го испратил претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во кое тој изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд и за непочитувањето на Охридскиот договор.

„Не, не сум го добил писмото, не сум го видел. Кога ќе го добијам, ќе го коментирам. Дневно добивам многу писма и пораки коишто ги читам“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увид во работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани во рамки на Коридорот 8.

Во оваа смисла рече дека во комуникацијата со граѓаните пристапува со големо внимание.

„Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин коешто стигнува. Нормално, така постапува одговорна влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити, ние не играме фудбалчиња, ние сме одговорни“,додаде премиерот.

За истиот настан се произнесе и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

„Тука денеска не сме за писма и празни муабети, ниту да играме фудбал. Доста се изнаслушавме во минатото. Тука сме за конкретна, значајна работа, а тоа е Коридорот 8 и среќен сум што динамиката е во полн ек за реализација на овој важен проект за државата“, изјави Меџити.

Од партијата на Али Ахмети претходно денеска информираа дека првиот интегративец испратил писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразил загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд за „укинување на клучните механизми за заштита на заедниците“ и нивното влијание врз, како што вели, меѓуетничката кохезија и одржливост на земјата.

Додека Мицкоски тренира хумот на Али Ахмети, лидерот на ДУИ имаше средба со шефот на мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал. Ахмети му порачал на Вал дека ДУИ, без никакво сомневање и со сите сили, останува недвосмислен промотор на европскиот дух и пријателството со Америка кај нас, па затоа преговарачката рамка со Европската унија мора да ја спроведеме без одлагање. 

„Партнерите во власта без етнички легитимитет ветија дека за 3 до 6 месеци ќе го сменат Уставот. ДУИ нема да дозволи отстапување од европскиот пат и ќе инсистира на уставни измени бидејќи граѓаните се решени да станат дел од Европската унија. ДУИ не сака и нема да биде дел од оваа влада, туку води битка за национално достоинство од секојдневното погазување и за почитување на Охридскиот договор како и евроатлантската ориентација на државата. 

Според Ахмети, Уставниот суд со прегласување по политичка наредба ја избришал етничката припадност, а на ред е и албанскиот јазик. 

„Овие одлуки се неприфатливи за нас“, рекол Ахмети. Тој се заложил и за албанско-српско помирување со взаемно признавање меѓу Косово и Србија и за голем историски договор во регионот  за незагрозување на територијалниот интегритет на Северна Македонија од нејзините соседи. 

„Овие историски и визионерски процеси мора да ги гарантираат Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, рекол тој.