За Мерко дивоградбите не се коли за да се конфискуваат од државата


 

„Предлогот за конфискација ми асоцира на конфискацијата на автомобили – институциите им ги одземаат на сопствениците, па потоа ги продаваат. Така и ова – треба да им се одземат домовите и објектите на некои што ги граделе за државата да ќари и да ги продаде“, вели Мерко за ДВ. Според него, подобро е да се казнат оние што граделе на диво, отколку да им се земе и да се стави на „лицитација“ нивниот имот. 

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков за ДВ вели дека ситуацијата покрај Охридското крајбрежје е поинаква, поради што е потребен и поразличен пристап. Дали ќе се конфискува или ќе се урива зависи од појасот каде што се наоѓаат спорните објекти. 

„Кај нас има појас на кој сепак ќе мора да има уривање на објекти. Во останатиот дел на градот немам ништо против да се конфискуваат објекти место да се уриваат“, вели првиот човек на Охрид. 

Според ревизорскиот извештај од 2021, заклучно со септември 2020 година, Општина Охрид имала 11.585 предмети за оценување на правниот статус на бесправно изградени објекти,  додека Општина Струга имала 2.775 отворени постапки. 

Идејата ја иницираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој откако минатата недела ги презентираше своите замисли пред Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), побара поддршка и од ресорните министри за транспорт и врски и за правда Благој Бочварски и Кренар Лога. Министерот за правда се изјасни дека ја поддржува иницијативата на Општина Центар за изнаоѓање законско решение со кое би се конфискувале дивоградбите.