За Меџити приведувањето на Гури е „дефокус и притисок“, Спасовски негира

Изет Меџити, лидерот на „Огнената група“ која излезе од ДУИ и ќе формира нова партија, апсењето на Исмет Гури во интервјуто за ТВ24 го нарече „дефокус и притисок“.
Гури денеска е донесен во Основниот кривичен суд Скопје каде што ќе треба да се одлучи дали ќе му биде доделен притвор. Поранешниот заменик директор во дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје е еден од осомничените во истрагата која се води против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, за која соопштија утрово од Обвинителството, но истовремено кога беше разрешен беше член на „Огнената група“.
Од Обвинителството велат дека со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, осомничените го довеле во заблуда даночниот орган – УЈП и неосновано побарале и добиле враќање на ДДВ од околу 840.000 евра.
– Нема да навлезам во предметот, но тајмингот е избран за дефокусирање и притисок. Веќе не можам да го препознаам ДУИ. Стана симбиоза на тоа што беше режимот на Груевски и Тачи. Со разрешувањата и диференцирањата мислат дека ќе внесат страв и дека никој нема да го искаже своето мислење, но тоа ќе им се врати како бумеранг, рече Меџити.
На ваквите тврдења возврати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Не може да стане збор за политичка пресметка, единствено се водиме од борбата со криминалот и корупцијата. Тоа ниту еден момент не се заснова на верска, етичка или политичка припадност. Ние сме тука да ги обезбедиме средствата на граѓаните, а поголем престап нема од прибирање на буџетските средства. Нема потреба ниту можност да се навлегува во какви било квалификации, ова е предмет кој ја покажува цврстата определба на МВР да не отстапуваме од тоа дали некој е близок со друг, рече попладнево Спасовски во вестите на ТВ Сител.