За Курти и Касами изградбата на патот Тетово-Призрен е важен проект


 

Косовскиот премиер Албин Курти попладнево беше во посета на Општина Тетово, на покана од градоначалникот Билал Касами, со кого заедно потоа го посетија планинското село Вејце. Двајцата се заложија за побрза изградба на патниот правец Тетово – Призрен кој би минувал низ Шар Планина.

Касами истакна дека ако централната власт нема интерес, како локална власт ќе направат обид да се реализира идејата за инфраструктурно поврзување на двата града од двете страни на границата.

„Ако Владата нема интерес да се реализира делот од патот Тетово – Призрен согласно студијата и веќе договорените работи со владата на Косово ние како локална власт во рамките на нашите надлежности и можности нема да стоиме со скрстени раце, ќе работиме како што веќе инвестиравме на овој важен дел од седум километри на патот од Селце до Вејце за да го правиме и другиот дел. И во тоа ќе бидеме во блиски контакти и со Владата на Косово и со локалната власт во Призрен за да се реализира овој дел. Исто така, ние ги охрабруваме од Владата во Македонија да работат сериозно во делот на реализацијата на патниот правец Тетово-Призрен согласно студијата која е направена и согласно договорите кои се договорени“, истакна Билал Касами.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека економскиот развој и развојот на инфраструктурата не треба да биде резервиран само за урбаните зони и за градовите, туку и за рурален развој. Според него тоа се прави и во Косово и во Македонија.

„Ние имаме голем интерес за побрзо чекорење кон инфраструктурното поврзување преку патот кој предвидува и еден тунел, на Призрен и Тетово. Врз база на пресметките не се работи за голема сума, но инвестицијата во патот ќе донесе придобивки и за граѓаните и за економијата, бидејќи ќе го скрати времето на патување“, истакн, меѓу другото, Курти.

Тој потсети дека за патот што треба да ги поврзе Призрен и Тетово веќе има договор помеѓу двете земји потпишан меѓу него и Димитар Ковачевски.

Посетата на Албин Курти беше неформална. Тој беше поканет од општините Чаир и тетово. Касами и Курти не сакаа да одговараат на прашања за политичките актуелности во двете држави.

Албанскиот премиер Курти претходно присуствуваше и на преименување на улица во Општина Чаир во Скопје.