За кредитот од 250 милиони евра 66 општини поднеле 215 барања


До вчера, 66 општини аплицирале со 215 проекти за пари од кредитот од 250 милиони евра што Владата го стави на располагање за подобрување на условите за живеење. 

„Јас сум исклучително многу задоволен и навистина им честитам на општините и на администрацијата во општините, бидејќи веќе 66 општини поднесоа околу 215 проекти заклучно со вчерашниот ден, што значи не се само од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таму има општини од СДСМ и од ДУИ и други општини од коалицијата ВРЕДИ, ВЛЕН или пак политичката партија ЗНАМ, независни кандидати коишто се градоначалници сега и така натаму и така натаму“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на последниот ден од повикот на проектот за капитални проекти за општините.

Мицкоски очекува денеска да пристигнат и други предлози, па вкупно да бидат околу 250 проекти.

– 250 проекти значи подобри услови за живот на стотици семејства и тоа е суштината на овој проект, да направиме нешто коешто ќе биде соодветен одговор на реалните потреби на граѓаните, а со тоа да реализираме што е можно поголем број капитални инвестиции и да ја придвижиме економијата. И затоа е потребен и овој кредит, затоа што не само овие 250 милиони евра за општините, туку и 250 милиони евра за бизнисот којшто ќе предизвика, ќе имплицира дополнителни 250 сопствени средства милиони од страна на бизнисот, значи ние ќе имаме инвестициска активност од половина милијарда евра плус 250 милиони евра од општините – рече Мицкоски при посетата на Општина Бутел.

 Смета дека овие пари се ветар во грб којшто треба да го даде Владата за бизнисот. 

Градоначалникот на Општина Бутел рече дека тие вчера аплицирале со десетина значајни проектите за финансиска поддршка од Владата.
 
Со овие пари се надеваат дека ќе направат целосно уредена пешачка патека, покрај новото речно корито на река Серава во Радишани, мега-парк со плоштад во Радишани на површина од 10.000 метри квадратни, доградување на коритото на река Серава од должина од 300 метри, изградба на атмосферска канализација на улица „Рудо“, целосно асфалтирање на 10 поголеми и клучни сообраќајници на територија на општина Бутел.